Почетна Анализа Скопска Црна Гора – македонска “Света Гора”
Скопска Црна Гора – македонска “Света Гора”

Скопска Црна Гора – македонска “Света Гора”

7.89K
3

Нема ни еден крај во нашата држава кој на толку мал простор има толку многу манастири и цркви колку ги има подпланинскиот предел на Скопска Црна Гора. Во своите 11 села има девет манастири и околу дваесет поголеми и помали цркви. Поради тоа тој предел во минатото населението – Црногорците, понекогаш го нарекувало и „Скопска Света Гора“, пишува интернет порталот „Факултети.мк“

Старите храмови зидани се од делкан камен со вметнати цигли во редовите. На вратите  и прозорците има плочи поплочени со мермер. Тоа се претежно владетелски манастири од првокласна вредност, градени во 13 и 14 век. Се одликуваат со познатиот словенско-византиски стил. Во минатото во Скопска Црна Гора имало многу свештеници и калуѓери. Во Скопска Црна Гора се наоѓаат уште и остатоци од тврдини, кули, гробови, како и бројни типични стари куќи. Секое село има по неколку културно-историски споменици.

Селото Кучевиште 1348 год. имало црква Св. Богородица (Пречиста). Таа црква постои и денес. Се претпоставува дека потекнува од времето на српскиот крал Стефан Дечански (1321 – 1331 год.), и дека ја подигнал жупанот Радослав. Меѓутоа таа црква слави Спасовден па се нарекува и црква Св. Спас.  Уште 1519 год. се споменува саборот на Спасовден во с. Кучевиште.  Поради вовлеченост помеѓу околни селски куќи, не е лесно да се примети за ретките посетители и за туристите од страна.

scg-3Манастирот во с. Кучевиште посветен на Св. Архангели Михаил и Гаврил се наоѓа два километри северно од селото, во живописна клисура, на надморска височина од 670 метри.  Градена е по примерот на црквите од Света Гора, и датира од 14 век. Изградена е во периодот меѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389). Живописана е во 1591, а во тоа време е направен и иконостасот, од кој е сочуван само крстот. Сегашниот иконостас е од средината на 19 век. Црквата и иконостасот се реставрирани во 1991/1992 година.

Манастирскиот сабор е на ден Св. Архангел Гаврил во месецот јули. Во Кучевиште постојат и три капели. Потекнуваат од поново време. Во манастирот некое време постоело и мало училиште за свештеници.

Во селото Горњани, на јужната страна на тромеѓето со соседните села Бањане и Чучер Сандево, на надморска височина од 575 метри, се наоѓа познатиот средновековен манастир Св. Никита. Историски податоци говорат дека тоа прво бил византиски манастир, можеби од 12 век, кој подоцна бил срушен. Поради тоа него од темел го обновил српскиот крал Милутин околу 1307 година. Кралот Милутин бил еден од најголемите градители од династијата Немањиќи. Храмот има чисто словенски карактерни линии, бидејќи бил граден од рацете на искусни мајстори. Манастирот бил живописан околу 1316 год.

Во селото Бањане и неговиот атар постојат значителен број на манастирски и црковни храмови. Најстари се манастирските храмови Св. Илија и Св. Благовештение, како и црквата Св. Ѓорѓи. Од понов датум се храмовите-капели Св. Спас и Св. Богородица.

scg-2Манастирот Св. Илија се наоѓа три километри северно од селото во долината на Бањанска река. За изградбата и одабирањето на неговата локација влијаело некое култно место. Нема писмени документи и историски извори и податоци за поблиско датирање на манастирот Св.Илија. Се претпоставува дека е изграден пред 14 век. Храмот е многу убав и има еден од најстари живописи во Скопска Црна Гора. Кај него на 2. август секоја година се одржувал голем сабор. За време на турското владеење манастирот бил важен културен центар на потчинетиот народ.

Манастирот Св. Благовештение подигнат е на масивот на планината Скопска Црна Гора, северозападно од Бањане. Потешко е пристапен и до него се стигнува за околу еден час одење. Манастирот е стар и потекнува од средновековен период. Околу него има голема површина дабова шума. Манастирот во минатото го посетувале и христијанското население од денешното муслиманско-албанско село Блаце во соседна Качаничка клисура.

Наведената црква Св. Ѓорѓи е во самото село. Врз основа на натписот на влезната врата (од внатрешна страна) се гледа дека е изградена 1549 год. Претставува споменик од културно-историско значење на нашата средновековна архитектура.

Споменатите млади храмови-капели се во планинскиот дел северно од Бањани. Изградени биле на темелите на некои култни места каде луѓето во средновековниот период се молеле. За храмот Св. Спас се знае дека потекнува од околу 1320 год.

Во селото Побожје и околу него исто така има неколку храмови. Тоа се манастирот Св. Богородица, и црквите Св. Петка и Св. Димитрија. Во урнатини е црквата Св. Илија.

Манастирот Св. Богородица е во долина, 1 км северно од селото. Манастирот е од средновековен период. Прв пат се споменува во повелбата на кралот Милутин 1300 год. Манастирот повремено бил поправуван. Живописот е доста сочуван. За време на турското владеење и овој храм бил важен културно-национален центар во овој крај. Манастирот и старите конаци околу него и денес се добро сочувани.

Црквата Св. Петка се наоѓа во самото село. Тоа исто така е средновековен храм. Црквата Св. Димитриј се наоѓа на долната страна во селото. Нејзиниот средновековен храм е срушен од буица 1955 год., па веднаш била изградена нова црква во близина на старата, каде урнатинте се гледаат.

scg-1Во селото Љуботен, кое исто така постоело уште во 14 век, благородничката Даница, во времето на српскиот крал Стефан Душан, 1337 год. изградила црква Св. Никола. Црквата постои и денес. Се наоѓа покрај селските куќи, на тераса висока 620 метри. Претставува една од најубави градби од средновековен период. За време на турското владеење, споменатата црква еднаш била напуштена. Тоа секако било на почетокот на 19 век, коги сите селски христијани, поради нешто биле присилно иселени во правец на ослободена Србија. Црквата во многу оштетена состојба останала до 1928 год. кога била поправена.

Во селото Мирковци, кое исто така е стара населба, постои манастир, две цркви и три капели. Манастирот Св. Илија е во долина јужно од селото. Многу е убав и изграден е пред почетокот на Втората светска војна, на место каде биле остатоци од стар манастир. Околу урнатините се собирал народ на Св. Илија (2. август). Црквите кои се наоѓаат во самото село се црквите Св. Никола која се наоѓа во Долна мала и црквата Св. Петка која се наоѓа во Горна маала. Постара е првата црква, додека втората била изградена пред крајот на турското владеење.

Капели се: Св. Богородица, Св. Меркурие и Св. Ѓорѓе, изградени се во период после турското владеење. Првата е во близината на манастирот, другата е покрај Горна маала, додека третата е северно од Мирковци, на далечина од еден час одење. Се наоѓа на селиште на раселеното село Сливовиќ.

Во средината на селото Љубанци се наоѓа црквата Св. Никола. Народната традиција наведува дека е изградена во исто време кога и познатата Јахја-Пашина џамија во Скопје. За изградба на црквата заслуга имал еден предок на денешниот селски род Ниниќевци. Тој одобрување за подигнување на црквата добил од споменатиот Јахја-паша, познат турски војсководец од 16 век. Северно од Љубанци, на планинска падина се наоѓа манастирот Св. Никола, изграден 1847 год. на место каде имале стари остатоци. Го изградиле исти мајстори и зографи кои работеле на соборната црква Св. Богородица во Скопје (која била запалена во Втората светска војна). Манастирскиот храм исто така е многу убав. Во текот на 19 и почеток на 20 век и во овој манастир како значаен центар се собирало потчинетото население секоја година на 22. мај.

Покрај селото Љубанци се наоѓа црквата Св. Богородица „Балаклија“, изградена е на стари урнатини 1920 год. На зарамнина западно од селото се наоѓа капела – помал манастир Св. Меркурие изградена после Втората светска војна.

scgЦрквите во останатите села: Чучер-Сандево, Глуво, Бразда и Бродец. До 1938 год. во Чучер постоела мала стара црква Св. Троица, кои селаните ја срушиле. Таа црква се чини дека потекнувала од времето на кралот Милутин. Таа година на нејзиното место започнала изградба на нова црква. Се одликува со големи димензии и солидна изработка.

Црквата во селото Глуво посветена е на Св. Никола (летен) и се одликува со релативно поголеми димензии. Изградена е 1855 год. каде на неа работеле зографи и мајстори од околината на Дебар. За време на црквената слава, на 22. мај и кај неа имало „голем сабор“.

Црквата со селото Бразда е посветена на Св. Богородица. Изградена е во втората половина на 19 век, нешто подоцна од споменатата црква во соседното село Глуво. За изградба на оваа црква заслужен бил зографот по името Нове (Новак), кој пред тоа некое време престојувал во Русија. Тој во Бразда останал  до крајот на животот и гробот му се наоѓа покрај црквата.
Локалитетот „Св. Атанасије“ се наоѓа северозападно од Бразда. Се има предание дека некогаш таму се наоѓала црква. На местото викано Видране, покрај истото село од горната страна постои мала црква Св. Спас.

Во планинското село Бродец се наоѓа црквата Св. Илија, изградена 1897 год. Тоа е релативно поголем храм и сведочи за минатото каде во Бродец имало поголем број на население. Денеска Бродец е скоро раселено село. 2002 година имало само 3 жители.   Покрај црквата се наоѓаат селските гробишта и место кое се вика Св. Петка.

Од претходното можеме да заклучиме дека наведените храмови помогнале да Православието зафати длабок корен во Скопска Црна Гора и тоа дава битно обележје на целиот тој крај и народот кој живее.

/ФАКУЛТЕТИ.МК/ Автор: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ 

Коментар(3)

  1. То је тачно, то је тачно новинареее
    Оће малина науши

  2. Stari srpski manastiri koj ja cuvaat tradicijata i vrednosta Amin, a odgovorniot na sajtot da ne ja zanemaruva taa rabota, bidejki istorijata treba da se pocituva…

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *