Почетна Анализа Половина фрескопис е поставен, црквата „Свети Константин и Елена“ ќе се довршува уште 18 месеци
Половина фрескопис е поставен, црквата „Свети Константин и Елена“ ќе се довршува уште 18 месеци

Половина фрескопис е поставен, црквата „Свети Константин и Елена“ ќе се довршува уште 18 месеци

1.95K
0

Најверојатно уште една година и половина ќе се довршува црквата „Свети Kонстантин и Елена“ што се гради на улицата Македонија веднаш до Домот на АРМ, пишува дневниот весник Дневник.

dnevnik crkvaСкопјани се љубопитни кога ќе може да го посетат велелепниот храм што веќе четврта година се гради во строгиот центар, кој однадвор е речиси целосно завршен. Но, внатре се работи со полна пареа и има уште многу да се доврши до отворањето за верниците.

Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека е неблагодарно да се каже со сигурност кога ќе биде готов храмот бидејќи се одвиваат специјални уметничко-занаетчиски работи што не може да се предвидат со конкретен рок. Моментно таму се слика фрескоживописот.

ЗОГРАФИ ОД УКРАИНА

Бобан Митевски, презвитер во кабинетот на архиепископот Стефан вели дека фрескописот го работат тајфа зоографи од Украина и тој е веќе 50 проценти поставен.

slika crkva 2-Фрескописот се работи во византиски стил и е според македонската школа. Проучуван е фрескописот во византискиот период преку нашите најрепрезентативни споменици, како што се храмовите „Свети Пантелејмон“ во Нерези, „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид и „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричино – објасни Митевски.

Тој информира дека е завршено обликувањето на храмот, куполите и на фасадата, а претстои фасадно обликување на камбанаријата. Околината ќе биде партерно уредена во вид на плоштад. Внатре ќе се работи на поставување на подот и на иконостасот, кој ќе биде изработен во комбинација од дрво и од мермер.

Во подрумскиот дел на црквата се предвидува амфитеатар, простории за функционирање на храмот (свештенички и административни канцеларии), крстилница и еден помал параклис.

Свештеникот Митевски истакна дека за оваа црква е специфично тоа што е меѓу ретките чија фасада е изработена од резбан травертин, а специфични се и куполите што се направени од инокс во златна боја.

-Храмот е граден и се работи во согласност со канонските прописи и правилата на православната црква, со примена и на специфичностите од архитектурата и традицијата на православните светилишта во Македонија од најразлични периоди – вели Митевски.

БЛАГОДАРНОСТ ДО СИТЕ ДОНАТОРИ

За тоа колку пари ќе бидат потрошени Митевски вели дека Фондацијата „Свети цар Kонстантин“ ќе даде отчет кога и официјално ќе се заврши изградбата на храмот.

-Тогаш ќе биде кажано колку средства се потрошени и ќе бидат и спомнати донаторите – дециден е Митевски.

crkva skopje 5Оваа фондација беше формирана да ги собере потребните средства и да организира донаторски конференции. Досега се организирани три донаторски конференции. Митевски во името на МПЦ-ОА им се заблагодари на сите донатори и ги повика сите што сакаат да помогнат, да го сторат тоа.

-Морам да споменам дека имаме донатори што донираа работи што се потребни за богослужбата и богослужбениот живот во храмот. Тоа беше донатор што бил крстен во некогашната црква „Свети Kонстантин и Елена“. Имаме донатори што се емотивно поврзани со некогашниот храм. Таму се венчале, па доаѓаат и раскажуваат како редовно го посетувале храмот до земјотресот од 26 јули 1963 година. Нивните животни приказни се втиснати во него, а со неговото возобновување ќе се возобноват и тие – нагласи Митевски.

crkva skopje 4Црквата во форма на крст ќе биде висока 30 метри и има една централна и четири помали куполи. Се работи за обновување на стариот храм „Свети Kонстантин и Елена“, кој се наоѓал во близина на плоштадот Македонија, а во почетокот на 70-тите бил миниран за на негово место да се изгради денешниот Градски трговски центар.

МОЗАИЦИ НА СВЕТИТЕЛИ СО ЛИЧЕН КУЛТ

Уникатната фасада на православниот храм која е изработена од резбан травертин е украсена со мозаици на светители што имаат личен култ и значење за православниот живот во Македонија. Меѓу нив се патронот на МПЦ свети Kлимент, свети Наум, свети Ѓорѓи Победоносец, свети Димитриј Солунски, свети Никола и свети Василиј Велики. Мозаиците ги изработи уметникот Дејан Kратевски.

НАЈГОЛЕМОТО ЅВОНО НА БАЛКАНОТ ЌЕ ОДЕКНЕ КОГА ЦРКВАТА ЌЕ СЕ ДОВРШИ

На камбанаријата на „Свети Kонстантин и Елена“ се поставени 12 ѕвона, што според презвитер Митевски е најголем спој на камбани забележани во Македонија, освен во Бигорскиот манастир. Тие ќе одекнуваат кога црквата комплетно ќе се заврши.

crkva skopje 2Ѕвоната, кои се изработени во Австрија, ќе продуцираат тонови во три октави. Проектот за ѕвоната го изработија архитектите Искра и Владимир Лековски од студиото „Лелелеле“, кои го изработија и идејното решение и основниот проект за изградбата на храмот, а рускиот проектант Марк Галтерин го изработи проектот за звучниот сет.

Централното ѕвоно е тешко 8,3 тони и е најголемото ѕвоно на Балканот. Второто по големина е тешко 3,5 тони, а третото 2,3 тона. Сите 12 ѕвона ќе бидат наместени да произведуваат различни мелодии. Една мелодија ќе се произведува за големите празници, а друга ќе биде за во неделите.

/ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *