На големиот христијански и национален празник Илинден, во храмот „Свети Никола“ во Крушево беше отслужена Света Божествена литургија, со која чиноначалствуваше епископот делчевско-каменички Марко, во сослужение со митрополитот Јован.
По завршувањето на литургијата беше отслужена панихида во чест на загинатите борци во Илинденското востание, на која присуствуваа претставници на државниот врв, локалната самоуправа и дипломатскиот кор.
На молитвениот спомен присуствуваа заменик-претседателот на Собранието, Антонио Милошоски, градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, министри, амбасадори, пратеници, директори на институции, како и голем број верници.
По богослужбата, митрополитот Јован се обрати до присутните со пригодна беседа, во која го истакна значењето на Илинден како празник што ги поврзува духовната традиција и историската борба за слобода.
Со литургијата и панихидата во Крушево, Македонската православна црква – Охридска архиепископија традиционално им оддаде почит на илинденците и на сите кои ги положиле своите животи за слободата на Македонија.




