Вселенскиот патријарх Вартоломеј е во посеата на Грција на средба со архиепископот на Атина и Грција, Јероним.
За време на својата официјална посета на Атина, Вселенскиот патријарх ќе се сретне со претседателот, Константинос Тасулас, и со премиерот Киријакос Мицотакис. Тој ќе одржи и историско обраќање во грчкиот парламент.
По пристигнувањето во Архиепископската резиденција, Вселенскиот патријарх се сретна со архиепископот Јероним. Потоа, придружуван од архиепископот Јероним, Вселенскиот патријарх се упати кон Свечената сала на Градското собрание на Атина, каде што се одржа церемонија на која му беше доделено почесното признание „Заштита на еколошкото наследство“, пишуваат грчките медиуми.
Во вторник, 27 години по неговото прво обраќање пред пленарната седница на Хеленскиот парламент во 1999 година, архиепископот на Константинопол – Нов Рим и Вселенски патријарх ќе се обрати на специјална седница на парламентот во 13:00 часот, по покана од претседателот на парламентот.
Во особено чувствителен меѓународен контекст поради војната во Украина и кризата на Блискиот Исток, говорот на патријархот се смета за уште позначаен. По обраќањето, Какламанис ќе му го додели Златниот медал на Хеленскиот парламент, а во негова чест ќе биде организиран официјален ручек. Се напоменува дека патријархот одбележува 35 години патријаршиска служба и 65 години свештеничка служба, објавуваат медиумите во Грција.
