Повардарската епархија, со благослов на митрополитот Агатангел, организираше крвгодарителска акција во црквата Св. Кирил и Методиј. Акцијата во соработка со Црвениот Крст е во пресрет на празникот посветен на светите рамноапостоли браќа Светите Кирил и Методиј.
-Оваа хумана акција претставуваше уште едно сведоштво за љубовта, солидарноста и грижата кон ближниот, вредности кои Црквата постојано ги негува и поттикнува меѓу верниот народ. Голем број граѓани, верници и хумани луѓе се одзваа на повикот и со своето учество дадоа личен придонес во спасувањето човечки животи.Со особена благодарност ја истакнуваме пожртвуваноста и хуманоста на сите крводарители, благодарение на кои беа собрани околу 60 крвни единици. Овој одзив уште еднаш потврди дека кај нашиот народ постои силно чувство на заедништво, милосрдие и подготвеност да се помогне таму каде што е најпотребно, стои во соопштението од епархијата.
Повардарската епархија упатува искрена благодарност до сите учесници во акцијата, како и до екипите на Црвениот Крст кои професионално и посветено ја реализираа оваа благородна иницијатива.
-Нека делото на светите Кирил и Методиј биде постојан поттик за духовно единство, љубов и несебично служење на ближните, потсетува епархијата.

