Српската православна црква и српската влада го потпишаа Меморандумот за соработка и основање на Српскиот православен универзитет Свети Сава.
Потпис на документот во Патријаршијата во Белград, ставија патријархот Порфириј и премиерот Ѓуро Мацут.
На потпишувањето присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој потенцирал дека српското просветителство никогаш не било одвоено од верата. Вучиќ посочил дека државата ќе обезбеди секаква помош и поддршка за Универзитетот „Свети Сава“, верувајќи дека на тој универзитет децата ќе имаат можност да стекнат исклучително знаење и да го негуваат патриотизмот и љубовта кон татковината.
-Овој универзитет, „Свети Сава“, ќе биде место каде што теолошкото образование на идните свештеници ќе се одвива рамо до рамо со студиите по медицина, право, природни и технички науки, уметност. Како што стои во Меморандумот, секој повик заснован на трајните вредности на вистината, доблеста, знаењето и меѓусебната почит придонесува за изградба на праведно и одговорно општество“, рекол Вучиќ.
Српскиот патријарх Порфириј, пак изјавил дека со основањето на Универзитетот „Свети Сава“ продолжува длабокиот и историски втемелен просветен пат на Српската православна црква, српскиот народ и српската држава.
-Црковните универзитети и високошколските установи што ги основаат или поддржуваат христијанските цркви не се никаква новост во европскиот и светскиот образовен простор, туку напротив, тие претставуваат еден од неговите најстари и најзначајни облици, изјавил Порфириј и нагласи дека „многу од најугледните универзитети во Европа настанале токму во рамките на Црквата или со нејзина непосредна поддршка, а, на пример, бројни римокатолички високообразовни установи и денес дејствуваат ширум светот како признати центри на образование, наука и култура“.
-Овој модел на образование покажува долг историски континуитет и целосна современа релевантност, па затоа „основањето на овој наш универзитет, Универзитетот „Свети Сава“, не претставува преседан, туку природно вклучување во една веќе постоечка и широко прифатена европска и светска академска традиција, потенцирал српскиот патријарх.
Порфириј потенцирал и дека основaњето на Универзитетот „Свети Сава“ е res publica, во најдостоинственото значење на тој збор: грижа за јавното и општото добро, за квалитетното образование на младите генерации и за иднината на општеството во целина.
-Со тоа Црквата не се затвора во сопствениот тесен простор, ниту се оддалечува од современото општество, туку напротив, останува присутна во него и ги отвора своите врати, ставајќи го своето духовно, просветно и културно искуство во служба на целата заедница. Затоа овој чин, да го нагласам и тоа, не е насочен против никого, туку претставува израз на одговорност и грижа за сите кои сакаат своето образование да го стекнат во нејзините рамки, особено поради фактот што образованието и просветата, просветувањето, студирањето, не ги разбираме исклучиво и само како процес на стекнување одредени знаења, туку како истовремено развивање на доблеста“, изјавил српскиот патријарх Порфириј.
