Почетна Интервју СПАСЕНОВСКИ: Со благослов на Вселенската патријаршија до томос за афтокефалност
СПАСЕНОВСКИ: Со благослов на Вселенската патријаршија до томос за афтокефалност

СПАСЕНОВСКИ: Со благослов на Вселенската патријаршија до томос за афтокефалност

546
0

Професорот на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Александар Спасеновски кој важи за добар познавач на односите помеѓу верските заедници и државата, на крајот од годината, во интервју за МИА говори за предизвиците пред кои е исправена МПЦ-ОА како и за очекувањата во годината што претстои.

Според Спасеновски, доколку ваквата динамика на односите со Вселенската Патријаршија продолжи, многу скоро ќе дојде и денот кога Вселенскиот Патријарх во рамките на неговата прва, историска посета на нашата држава, ќе ѝ го додели томосот за афтокефалност на современата наследничка на славната Охридска архиепископија.

Црквата и државата, две одвоени сфери, но сепак во пракса неможност да бидат целосно раздвоени, се испреплетуваат влијанија и внатрешни и надворешни и сето ова во контекст на последните случувања во светло на процесот на напорите кои се вложуваат за конечна автокефалност на нашата црква.

Колку навистина црковните прашања се решаваат во самата црква од црковните кругови, македонските и тие од останатиот православен свет или пак е невозможно да се избегне влијанието на политиката и домашната и секако меѓународната?

Историјата, но и денешните консталации претставуваат потврда за силната меѓусебна испреплетеност на православната црква и државата. Така, некогаш Црквата ја обликувала политиката на државата, а друг пат државната политика влијаела врз црковните работи. Со така уредени релации, во разбрануваното море од настани пловат државите, но и православните цркви кои меѓусебно си помагаат и се поддржуваат.

Кога станува збор за МПЦ-ОА, како резултат на ваквиот сплет на домашни и на меѓународни околности се случи историскиот 9 мај 2022 година кога Вселенската патријаршија го придвижи текот на историјата со одлуката за примање во канонско единство на современата наследничка на славната Охридска архиепископија.

Причините кои доведоа до тоа, можеме да ги поделиме на внатрешно-црковни кои ја одразуваат динамиката на односите во нашата црква и надворешни, поврзани со широкиот свет на националната и меѓународната политика.

Во однос на внатрешно-црковните причини, како поважни се наметнуваат следните: Прво, личноста на Архиепископот Стефан, односно неговата мудрост и одмереност правилно да ја води Црквата во овие сложени времиња на глобални тектонски политичко-црковни поместувања; Второ, декларираното единство помеѓу членовите на Синодот; Трето, плодовите од трудот на дел од нашите духовници кои со децении трпеливо ги градеа денес веќе силните мостови на соработка со Вселенската патријаршија.

Во однос на поширокиот политички контекст како поважни се наметнуваат следните околности: Прво, решавањето на спорот со името со Грција. Тоа доведе до конечно завршување на еден непријатен период во меѓусебните односи во кој доминираше инфлацијата на лоши вести, односно до почеток на една нова позитивна ера на соработка помеѓу државите, граѓаните и конечно – црквите;

Второ, поддршката на државните институции и општеството. После писмото на Синодот на МПЦ-ОА до Вселенската патријаршија со кое се бара Константинополскиот патријарх да го искористи своето апелациско право за конечно решавање на црковното прашање, следуваа и писмата на политичкиот врв упатени до Вселенскиот патријарх од 20.9.2020, односно од 22.9.2020 кои дадоа дополнителен придонес за натамошно зацврстување на декларираниот консензус. Во оваа смисла, и искрената поддршка на македонската опозиција, пак, на еден фин начин ја дооформи комплетната слика за силното внатрешно единство кое се простира по должината на целиот политички спектар од лево кон десно.

Трето, поволната меѓународно-политичка консталација. Членството во НАТО како највисок национален интерес дополнително ја зацврсти стабилноста на Република Македонија, давајќи му нов квалитет на односите со нашите стратешки сојузници. Во светло на глобалните меѓународни поместувања, решавањето на црковното прашање натамошно ја зајакна стабилноста на државата, правејќи ја поотпорна на надворешни малигни влијанија од трети страни. Оттаму, се наметнува и заклучокот дека одлуката на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија во канонско единство (а подоцна и очекуваниот томос за афтокефалност) е целосно комплементарна со евроатлантската ориентација на нашата држава, како и со декларираните интереси на САД во оваа насока.

Во годината што изминува бевме сведоци на поголеми поместувања во однос на нашето црковно прашање. Какво значење и црковно, но и политичко има примањето во канонско единство на нашата Црква од страна на Вселенската патријаршија?

Одлуката на Вселенската патријаршија за примање на МПЦ-ОА во канонско единство е еден од поважните настани во најновата историја. Оваа несомнено позитивна вест е на слично рамниште со други достигнувања, како на пример со прогласувањето на независноста на Република Македонија. Она што беше 8 септември 1991та за граѓаните, тоа е 9 мај 2022та за верниците на денешната наследничка на древната Охридска архиепископија.

Со одлуката на Вселенската патријаршија нашата црква и нејзините верници станаа рамноправен дел од поредокот на едната света, соборна и апостолска црква, како и сите други цркви и верници, а кој е возглавен од страна на првопрестолната Вселенска патријаршија. Оттаму, краткиот заклучок би бил дека одлуката има несомнено историски оддек кој е од голема полза за државата, општеството, граѓаните, како и за целата православна екумена.

По прифаќањето во канонско единство од страна на Вселенската патријаршија, набргу следуваше и доделувањето на т.н. „Томос за автокефалност“ од страна на СПЦ, кој истиот потоа беше признат и од страна на РПЦ. Се создаде забуна во јавноста, кој доделува автокефалност, како треба да се движат овие процеси.

Како ги оценувате овие чекори и што би можело тие да значат на црковното и геополитичко поле?

Ваквиот развој на настаните со СПЦ и со РПЦ после одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 има своја предисторија и истиот беше очекуван. Имено, Руската црква подолго време се обидува да ги доведе во прашање правата на Вселенската патријаршија. Тоа е резултат на настојувањата на оваа црква за поголема доминација во православната екумена.

Овие настојувања станаа особено видливи во 2016 година кога РПЦ во последен момент одби да учествува на сеправославниот собор на црквите што се одржа во Крит, на тој начин ненајавено саботирајќи го авторитетот на Вселенската патријаршија. Кулминацијата, пак, беше достигната во 2019 година кога Вселенската патријаршија одлучи да ѝ додели томос за афтокефалност на Православната црква на Украина, што предизвика нови, поостри реакции од Руската црква.

И денес РПЦ, иако главно безуспешно, во светло на оваа борба за доминација ги гради своите позиции за разни прашања водејќи се пред сé од своите настојувања да го релативизира воспоставениот ред во православната црква во сопствена полза.

Имајќи го во предвид истакнатото, важно е да подвлечеме дека одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 година која е првопрестолна и мајка црква на останатите православни цркви во светот за признавање на канонскиот статус на Охридска архиепископија, го одврза долгодеценискиот неправеден силно заврзан чвор на СПЦ и овој процес има неповратен ослободувачки карактер. Настаните што следуваа потоа, со одлуките на СПЦ и на РПЦ можеме да ги толкуваме единствено како последица на таквиот татковски потег на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј кон нас. Во спротивно, се поставува прашањето зошто одлуките на СПЦ и на РПЦ не се случија – да речеме – 50на години порано или 50на години подоцна, туку се случија веднаш откако Вселенската Патријаршија ја зема нашата црква во својата прегратка?!

Во одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај годинава, има јасни насоки за тоа како треба да биде дефинирано името на нашата Црква. Меѓутоа, СПЦ ја призна Црквата под името „Македонска православна црква – Охридска архиепископија“, за наскоро потоа влијателниот владика во СПЦ Иринеј Буловиќ да излезе со официјално соопштение дека сѐ во врска со името, намерно го ставиле во наводници.

Што всушност се случува тука, дали политиката е длабоко навлезена и во црковното прашање?

Секоја црква е дел од еден конкретен државно-административен поредок и таа своето име го определува според државата во која делува или според своето историско седиште. Така, во Грција името на Црквата е „Црква на Грција“ која е и „Атинска архиепископија“, во Украина е „Православна црква на Украина“ која е и „Киевска митрополија“, во Албанија името на црквата е „Православна афтокефална црква на Албанија“ и.т.н. Во оваа смисла, во однос на името на МПЦ-ОА во идниот томос на Вселенската патријаршија, важно е да имаме во предвид два факта: прво, дека со Преспанскиот договор државата во чии рамки делува МПЦОА има ново име и второ, дека на територијата на географска Македонија, во моментот се простираат четири црковни јурисдикции од кои една е таа на МПЦ-ОА. Оттаму, имајќи го во пред вид споменатото, кога станува збор за називот на нашата црква во идниот томос на Вселенската патријаршија, извесно е дека тоа ќе се уредува во согласност со Уставот на нашата држава, односно во согласност со традициите на православната црква во оваа смисла. Во меѓувреме, веруваме дека членовите на Синодот, како и до сега ќе продолжат да се однесуваат мудро, достоинствено одолевајќи им на сите провоцирани обиди за запаѓање во национален романтизам кој не може да придонесе успешно да се заокружи целиот процес на единствениот посакуван и исправен начин со доделување на томос за афтокефалност на нашата црква од Вселенската патријаршија.

Според Вас, по кој правец треба да се движи црковната дипломатија на Синодот на нашата Црква, имајќи ги предвид геополитичките и меѓуцрковни констелации?

Потегот на Вселенската патријаршија со примањето на Охридската архиепископија во канонско единство е огромен придонес во насока на натамошно зајакнување на темелите на државата. Личноста на патријархот Вартоломеј, пак, како и неговото наследство управувајќи ја Црквата повеќе од три децении, претставува голем благослов за сите нас бидејќи оваа генерација православни христијани го сведочат чинот на вклучувањето на наследничката на древната Охридска архиепископија во заедница со останатите православни цркви. Во таа смисла, особено е важно Синодот да продолжи да опстојува на оваа исправна траекторија од 9 мај 2022 година која продолжи на 12 јуни 2022 година кога беше одржана заедничката богослужба во Константинопол на Архиепископот Стефан и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј на која за прв пат го слушнавме и македонскиот јазик.

На тој – сега веќе историски мај за државата и православните верници – мостовите на соработка со Вселенската патријаршија на општа радост беа обновени и тие секојдневно преку заедничките сослужувања, посети и контакти се зајакнуваат и се надоградуваат за добро на целата православна екумена. Доколку ваквата динамика продолжи со сличен интензитет верувам дека е многу блиску денот кога ќе го посведочиме и тој за нас многу важен ден – кога Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во рамките на неговата прва, историска посета на нашата држава, ќе ѝ го додели томосот за афтокефалност на современата наследничка на славната Охридска архиепископија.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *