Почетна Интервју Со завршувањето на пандемијата, можно е придвижување на процесот за признавање на МПЦ-ОА
Со завршувањето на пандемијата, можно е придвижување на процесот за признавање на МПЦ-ОА

Со завршувањето на пандемијата, можно е придвижување на процесот за признавање на МПЦ-ОА

283
0

Велигденско интервју со митрополитот повардарски г. Агатангел за Нова Македонија

Повардарскиот митрополит г. Агатангел од Македонската православна црква -Охридска архиепископија изминатиот период ja искуси болеста со ковид-19. Деновите пред Велигден веќе закрепнува од болничкото лекување, но истовремено се враќа на службата во црквите со кои раководи.

Токму по повод празникот, во интервју за „Нова Македонија“, вели дека му благодари на Бога што без поголеми компликации го прележал вирусот, но и на неизмерната пожртвуваност на медицинскиот персонал, кој секојдневно е на линијата на борба против вирусот.

– Обично сме фокусирани на оној што боледува, и нормално е да е така, но треба да го погледнеме и семејството, најблиските, нивната загриженост и силната желба за надминување на овие искушенија. Како што вели нашиот народ, здравиот има илјада желби, болниот има само една желба, да оздрави. Нашите здравствени работници неуморно работат и со сите свои сили се посветени на секој пациент за негово закрепнување. Ја користам оваа пригода и јавно да ја упатам мојата благодарност кон докторите, медицинските сестри и целиот персонал во болницата за нивната грижа и внимание. Им благодарам и на сите оние што ми упатија поздрави и пораки за брзо оздравување и кои ме имаа во молитвите. Бог да ги благослови и да им дарува здравје и радост -порачува г. Агатангел. Тој е уверен е дека луѓето се свесни за опасноста од вирусот и дека за време на велигденските празнувања ќе се почитуваат максимално препораките на здравствените власти.

Митрополитот Агатангел посакува оваа година да заврши пандемијата, а со тоа да се раздвижи и процесот за признавање на автокефалноста на нашата црква, токму од Вселенската патријаршија.
Според него, сѐ повеќе млади се приклучуваат кон верскиот живот на црквата, зашто, како што вели, оној што еднаш пристапил кон црквата, не отстапува од неа.

Ваше високопреосвештенство, и покрај тоа што секојдневно сме сведоци на многу трагични слики поради ковид-19, сепак има голем број луг?е што не веруваат во вирусот. Од вашето искуство, што би им препорачале?
– Сега веќе мислам дека нема многу луѓе што мислат така. Секојдневно добиваме информации за текот на настаните со пандемијата и нема простор за неодговорно однесување, како спрема себе, така и спрема другите. Секако, треба да помислиме и на здравствените работници, кои со денови и недели се одвоени од своите семејства, лично се изложени на опасноста од болеста и даваат големи жртви за да се надмине ова.

За Велигден ќ́е има намалени рестрикции, нема да има полициски час, а со тоа се создава можност верниците да дојдат во црквите. Ќе успее ли МПЦ-ОА да овозможи почитување на мерките за заштита?
– Како црква, ги презедовме сите превентивни мерки што беа препорачани од здравствените институции и активно се грижиме да се почитуваат мерките во црквите. И нашите верници, во најголем дел, ги почитуваат и се придржуваат кон нив. Се надевам дека и за велигденските празнувања ќе биде така, бидејќи секој од нас и најмногу како поединец треба да се придржува и да се штити и себеси и другите околу себе. Ако секој од нас се однесува одговорно, и не само за Велигден, туку и по празниците, убеден сум дека и многу порано ќе успееме да излеземе од оваа здравствена криза, која веќе долго време нѐ измачува.

Дали оваа година може да се очекува некаков напредок во процесот пред Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста на МПЦ и дали новиот патријарх на СПЦ може да придонесе кон решавање на ова прашање?
– Немам информација дали годинава можеме да очекуваме придвижување на процесот на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква. Имаме позитивни знаци од Вселенската патријаршија за решавање на нашето црковно прашање, но можно е поради ситуацијата со пандемијата да има и пролонгирање на процесот за поконкретни активности. Се надевам дека ќе се случи исчекор кон позитивен исход во оваа насока, но уште повеќе се надевам дека разумот и љубовта ќе надвладеат кај нашите браќа во Српската православна црква и дека ова ќе го направиме заедно, како што ѝ прилега на соборноста во светата Христова црква. За жал, првиот сигнал од новиот српски патријарх не покажува дека ќе биде нешто поразличен неговиот пристап кон ова прашање од досегашните позиции на СПЦ. Но да оставиме малку време, се надевам дека ќе има и средби по кои ќе видиме како ќе се одвиваат овие односи во иднина.

Како го оценувате развојот на МПЦ, дали младите, луѓето се блиску, или се отуѓени од црквата?
– Нашата света Македонска православна црква е добро организирана во секој сегмент од црковниот живот. Имаме прекрасни храмови, имаме добро свештенство, имаме одлични образовни институции, имаме солидна просветна дејност. Црква значи народ, а водејќи се по линијата на оваа терминологија, ние имаме силна црква. Младите заземаат значителен број во светотаинствениот живот на црквата. Тоа можеме да го согледаме по повеќе параметри. Лично можам да посведочам за деца што доаѓаа во црква со своите родители пред 15-20 години, а денес тие се родители и ги носат своите деца во црквата и учествуваат во литургискиот живот, што значи дека нашата црква се подмладува и зголемува. Особено ме радува и интересот кај младите за изданијата на нашата издавачка дејност, кои речиси секој ден се порачуваат, што укажува на тоа дека има желба за духовна надградба и едукација. Сигурен сум дека имаме и дел од младината што има одбивност кон црквата, но таа доаѓа од следење стереотипни и излитени мислења во јавноста. Оние што пристапиле кон црквата, не отстапуваат од неа.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *