Седум лица се приведени во врска со обидот за опожарување на објект на еврејската заедница во Скопје, а Агенцијата за национална безбедност (АНБ) информира дека тие припаѓале на радикална групација идеолошки поврзана со глобалната мрежа на Исламска држава, пишува Дина.мк.
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, соопшти дека лицата биле идентификувани и лишени од слобода во координирана акција на Одделот за борба против организиран и сериозен криминал, СВР Скопје и АНБ.
Според АНБ, групата имала логистичка мрежа и почнала да презема насилни активности непосредно по повикот на Исламска држава на почетокот на април. Акцијата за приведување била спроведена на 30 април во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК) и Министерството за внатрешни работи (МВР), при што биле извршени претреси на 13 локации во Скопје. За време на претресите биле одземени предмети и електронски уреди. Според информации од извори, станува збор за лица од скопската населба Скопје Север.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, на социјалната мрежа Икс им се заблагодари на властите во Македонија за акцијата поврзана со, како што го нарече, антисемитскиот напад врз синагогата што се случил на 12 април. Претходно, амбасадорката на Израел, Вивијан Ајзен, објави видеоснимка од обидот за палење, на која се гледаат две лица како ја прескокнуваат оградата, прскаат со запалива течност и фрлаат факел. Таа го опиша инцидентот како „длабоко вознемирувачки антисемитски инцидент“.
Директорот Јанев изјави дека државата нема да толерира обиди за загрозување на безбедноста и дека секој што ќе се обиде насилно да ја наруши безбедноста ќе се соочи со институциите и законот.
