Почетна Интервју ПИМЕН: Презаситени сме веќе од патриотски и националистички прикаски и крв
ПИМЕН: Презаситени сме веќе од патриотски и националистички прикаски и крв

ПИМЕН: Презаситени сме веќе од патриотски и националистички прикаски и крв

1.06K
0

Проблем се фанатичните верници што својата беда и немањето парче леб го префрлаат на сметка на другиот, дека тој им го зел, и поради тоа се спремни да му демонстрираат сила и превласт и да дигнат рака на него како кривец што им ја одзел територијата, работата и лебот, вели Европскиот Митрополит Пимен во интервју за порталот „МКД.МК“, а по повод неодамнешните инциденти со поставувањето крст во Бутел и орел во Чаир и потпалувањето верски искри со политичка цел.

Христовото учење не подразбира буквално влечење големи дрвени крстови како Неговиот, туку подразбира мирно прифаќање на искушенијата, вели отецот и додава дека секој човек со чисто срце и искрена вера неговите зборови ќе ги сфати како повик на разумност и толеранција. Презаситени сме веќе од патриотски и националистички прикаски и крв, вели владиката. И навистина сме презаситени.

МКД: Дали крстовите што во последно време со помош на црквата се поставуваат насекаде низ Македонија воопшто имаат некакво црковно значење? Симболизираат ли нешто од црковен аспект?

ПИМЕН: Крстот е украс на вселената и најмоќно оружје во борбата против ѓаволот според учењето на Црквата. Но, реков против ѓаволот, ама не и симбол што со своето поставување на одредено место ќе значи и прогласување победа и обележување територија. Христос нè учи да го земеме крстот свој на своите плеќи и да го носиме врз себе. Но тоа е во нашиот живот и не подразбира буквално влечење големи дрвени крстови како Неговиот, туку подразбира мирно прифаќање на искушенијата. Подразбира благодарење на Бога што ни дал искушенија преку кои можеме да растеме во верата. Православната теологија учи дека само преку крстот се стигнува до Воскресение, што е и наша крајна цел како христијани.

Се разбира, тоа не значи буквално и ние да чекаме подобно на Христа да бидеме распнати на крст, туку да ги распнеме нашите страсти и ослободени потоа од нив да влеземе во Воскресението на Нашиот Господ Бог Исус Христос, Кој вели дека по тоа ќе нè препознаат дека сме негови ученици, по љубовта кон Неговите заповеди, а не преку поставувањето на нефункционални обележја. Крстот се брани со живо литургиско сведоштво за верата преку покајание, исповед и причест.

МКД: Вашата фејсбук-порака дека провокативното поставување крстови и орли нè води кон безумие наиде на одобрување и согласување кај разумните луѓе. Зошто сметате дека ваквиот суров симболизам води кон крвопролевање?

ПИМЕН: Настаните што следуваа деновиве по поставувањето на орелот како провокација, и одговорот на провокацијата со поставувањето камен-темелник на крстот потоа, а веднаш потоа и окупацијата на местото каде што беше осветен камен-темелникот за крстот, полицискиот кордон помеѓу „окупаторите“ и „бранителите“, повредените полицајци, повлекувањето на кампот поради сугестијата на странскиот фактор и задушницата, протестот пред МВР, јасно говорат за една можност ваквите собирања лесно да излезат од контрола и да испровоцираат безумие и меѓуетнички и меѓурелигиски тензии. Секој човек со чисто срце и искрена вера (без разлика во кој Бог верува), кој не сака да е сведок и учесник во вакви сомнителни исповедања на верата, моите зборови ги разбира како повик на разумност и толеранција. Тоа е клучот на општоприфатеноста на мојот апел. А од друга страна, презаситени сме веќе од патриотски и националистички прикаски и крв.

За среќа, не се отиде до крај. Сепак народот и тоа како знае да биде помудар од политичарите.

Целото интервју: МКД.МК

Фото: МКД.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *