Почетна Проповеди Патријаршиско послание за Рождество Христово
Патријаршиско послание за Рождество Христово

Патријаршиско послание за Рождество Христово

195
0

ВАРТОЛОМЕЈ

по милоста Божја, Архиепископ Константинополски,
на Новиот Рим и Вселенски Патријарх,
до сета полнота на Црквата,
благодат, милост и мир
од родениот во Витлеем Спасител Христос

Сечесни во Христа браќа и најсакани чеда,

Патувајќи заедно со Пресвета Дева, која доаѓа да Го „роди неискажливо“ предвечното Слово, и гледајќи го Витлеем како се подготвува да Го прими Божествениот Младенец, ете, стасавме повторно до Божик, исполнети со чувства на благодарност кон Бога на љубовта. Патот до големиот празник на Раѓањето по тело на Спасителот на светот, годинава беше различен, според надворешните услови, поради подмолната пандемија. И црковниот живот, учеството на верниците на светите богослужби, пастирската грижа и доброто сведоштво во светот, ги претрпеа последиците од здравствените ограничувања. Но, сето ова не ја засега внатрешната врска на христоименитиот народ со Христа, не ја засега верата во Неговата промисла и посветеноста на „едното што е потребно“.

Во секуларните општества, Божик е во друга боја, тој стана празник на докажувачкиот консумеризам и на секуларизацијата, без помисла дека во овој свет ден го почитуваме „вечното таинство“на Божественото Вочовечување. Празнувањето на Божик кое е долично на Христијаните, денес претставува акт на отпор кон секуларизацијата на животот и на ослабувањето, дури и умртвувањето, на осетот за таинството.

Во воплотувањето на Словото се открива содржината, насоката и целта на човековото постоење. Сесовршениот Бог постои како совршен човек, за да можеме ние да постоиме „на Божји начин“. „Бог се вочовечи за ние да се обожиме“. Човекот е, според длабокиот израз на свети Григориј Богослов, „заповедан да биде бог“, „битие обожително“. Оваа е највисоката чест за човекот, која на неговото постоење му дава ненадминлива вредност. Во Христа, сите луѓе се повикани на спасение. Пред Бога „нема ни Јудеец, ни Елин, ни роб, ни слободен, ни машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса“, боговдахновено богослови апостолот Павле. Се работи за една одлучна промена во просторот на антропологијата, во хиерархијата на вредностите, во перцепцијата на етосот. Следствено, секој кој ќе посегне по човекот, се врти против Бога. „Зашто ништо не е свето како човекот, со чија природа Бог стана причесен“.

Божик е целиот богочовечки живот на Црквата, во која Христос постојано се доживува како Оној Кој беше, Кој е и Кој доаѓа. Оној Кој е „во прегратките на Мајката“ е и „во бедрата на Отецот“, Детето Исус е распнатиот, воскреснатиот и во слава вознесениот на небесата, праведниот Судија и Царот на славата. Ова сокриено таинство го славословиме во псалми и химни, нему му служиме – служејќи му и бивајќи послужени од него во исто време. Тоа и го изрази боговдахновено, „преемникот на Светите Отци“, Халкидонскиот Четврти вселенски собор. „Халкидонската догма“, начинот на примање на световна плот од страна на Словото Божјо, што е над секое слово и смисла, е „воспеан“ преку архитектонскиот израз, организираноста на свештениот простор, впечатливата купола, која го отсликува постојано продолжувачкото Божјо човекољубие и ги поврзува небесните со земните, преку иконите и украсите и преку единствениот богословски јазик на чудесното светолитие, од страна на пресветиот храм на Божјата Премудрост во Градот на градовите, пофалбата на Православието и славата на вселената.

Среде искушенијата и многуте жалости, денес се слуша тивкиот глас на „ангелот Господов“ кој „благовести голема радост… на целиот народ, дека ви се роди денес Спасител, кој е Христос Господ“. Го празнуваме Божик, молејќи се за нашите браќа и сестри кои се во опасност и болест. Се восхитуваме на самопожртвуваноста на лекарите и болничарите и на сите кои придонесуваат во соочувањето со пандемијата. Се радуваме, бидејќи се уверивме дека тие на пациентот му пристапуваат како на свештен лик и не го претвораат во бројка, случај, предмет, безлична биолошка единка. Како што беше елоквентно кажанο, „белиот мантил“ на лекарите е „бело расо“, го изразува откажувањето од „моето“ заради братот, „барањето на туѓиот интерес“, потполното посветување на оној што страда. За ова „бело расо“ и за расото на клирикот – двата симбола на пожртвуваноста и на духот на служењето – вдахновение и движечка сила е љубовта, која е секогаш дар од Божјата благодат, а никогаш само наше сопствено достигнување.

Опасната пандемија расколеба многу општоприфатени работи, ги откри границите на титанството на современиот „човекобог“ и ја покажа силата на солидарноста. Заедно со неоспорната вистина, дека нашиот свет претставува една целина, дека нашите проблеми се заеднички и решението бара содејство и сопатништво, највозвишено се покажа и вредноста на личниот влог, љубовта на Добриот Самарјанин, која ја надминува човечката мерка. Црквата активно содејствува, со дело и со слово, на оние браќа и сестри што се во неволја и се моли за нивна сила, за нивните роднини, за одговорните за грижата за нив, постојано објавувајќи дека лекувањето на болните, како привремена победа над смртта, упатува кон нејзиното надминување и конечно укинување во Христа.

За жал, здравствената криза не ни дозволи да ги прошириме активностите кои беа предвидени за 2020, „годината на пастирско обновување и корисна грижа за младината“. Се надеваме дека во текот на следната година ќе биде возможно остварувањето на предвидените настани за младата генерација. Знаеме од искуство дека, доколку на младите им се пристапи со разбирање и љубов, тие ги откриваат своите творечки сили и со ентузијазам учествуваат во активностите. Накрај, младоста е еден особено „религиозен“ период на човечкиот живот, со сништа, замисли и длабока егзистенционална потрага, со жива надеж за еден нов братски свет. Оваа „нова твар“, „новото небо и новата земја … во кои живее правдата“, ја благовести Христовата Црква, неа ја изобразува по патот кон Вечноста.

Возљубени браќа и благословени чеда,

Во Црквата човекот се обновува целиот, не само што „бива помаган“, туку и „вистинува“, ја доживува својата во Бога предодреденост. Како што Светиот и велик собор на Православието објави, во Црквата „секој човек претставува единствено битие, предодредено за личносно општење со Бога“. Имаме од Бога дадена увереност, дека овој живот не е целиот наш живот, дека злото и негативностите го немаат последниот збор во историјата. Нашиот Спасител не е некој „механички бог“, што интервенира и ги изгонува опасностите, истовремено укинувајќи ја нашата слобода, како таа да била „осуда“, од која ни треба ослободување. За нас Христијаните важат ненадминливите отечки зборови: „Таинството на спасението е за оние кои го посакуваат, а не за оние кои се присилени“. Вистината на слободата во Христа се испитува преку Крстот, кој е пат кон Воскресението.

Во овој дух, празнувајќи го Божик и останатите празници на светото Дванаесетдневие заедно со сите вас во богоугодна мисла, од нашиот свет центар во Фанар, ви посакуваме Спасителот Христос, Кој му снисходи на човечкиот род, да Ви дарува здравје, љубов еден за друг, напредок во секое добро дело и секој благослов одозгора за новата година што изгрева и за сите денови на вашиот живот. Нека биде така!

Божик 2020

+ Константинополскиот
огнен молитвеник кон Бога за сите вас

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *