Епископот Антаниски, Партениј е дел од учесниците на Меѓународниот богословски симпозиум што се одржува во Атина, а е посветен на починатиот Старец Емилијан Симонопетриски, еден од најголемите обновители на современото светогорско монаштво.
Симпозиумот, насловен „Спомен и чест на Старецот Емилијан Симонопетриски: сведок на славата Божја и водач во Духот“, е во органзиација на Ватопедската монашка заедница и на монашката заедница од Симонопетра од Света Гора.
Партениј на симпозиумот учествива со благослов на надлежниот Дебарско-кичевски митрополит Георгиј, а меѓу учесниците се архиепископот Атински Јероним, митрополитот Филаделфиски Мелитон како претставник на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, митрополитот Диосполски Емануил како претставник на Александриската Патријаршија, митрополитот Билски и Ботриски Силуан како претставник на Антиохиската Патријаршија, митрополитот на Западна Америка. Максим како претставник на Српската Патријаршија, претставници на Свештената Заедница на Света Гора, како и архиереи, игумени, игумении, монаси, монахињи, богослови и верници од помесните православни цркви.
Архиепископот Атински Јероним истакнал дека Старец Емилијан навистина бил „сведок на славата Божја и водач во Духот“ во текот на целиот свој живот. Осврнувајќи се на неговиот животен пат, Јероним нагласил дека грижата, духовната мисла и подвигот дале пресуден придонес во едни навистина тешки времиња за монаштвото. Според него, едно од најсуштинските обележја на Старец Емилијан бил секојдневниот труд и подвиг за духовно напредување – не само на самиот себе, туку и на братствата и верниците што му биле доверени.
-Овој симпозиум, посветен на Старецот кој ја обликуваше духовната физиономија на современото православно монаштво, не претставува само академско сеќавање на една голема личност од минатото. Тој е живо сведоштво дека зборот на светите и духовно опитните луѓе продолжува да ја храни Црквата, да го осветлува монаштвото и да им покажува на сите верни дека патот кон обновата секогаш минува низ молитвата, послушанието, покајанието, радоста и живото предание на Црквата, велат од Бигорски.








