Прва црква што воведе Кодекс на однесување на социјалните медиуми – што треба да прават свештениците?

Date:

Share post:

Православната црква на Америка воведе кодекс на однесување при користење на социјалните медиуми. Синод на оваа црква на 28 април 2026 година усвоил официјални „Насоки за користење на социјални медиуми за свештенство и мирјани-раководители“, кои се однесуваат на свештенството, вработените и мирјанските раководители што служат во епархиите, парохиите, манастирите, богословиите и институциите на Православната Црква во Америка.

ПЦА исто така препорачува до овој кодекс да се придржуваат сите што учествуваат во пастирскиот живот и јавното сведоштво на Црквата, вклучително и свештеничките сопруги, монаштвото, членовите на парохиските совети, младинските раководители, наставниците и другите што ја претставуваат Црквата во своите заедници.

Што предвидува овој Кодекс на однесување. Тој не забранува користење на социјални медиуми, туку дава насоки како тие да се користат и како претставниците на оваа црква треба да учествуваат во јавните полемики на социјалните мрежи.

Кодексот кој содржи неколку точки предвидува клирот на оваа црква има посебна одговорност да внимава како комуницира и биде свесен дека нивните јавни комуникации не треба да го поткопуваат црковното единство или да предизвикуваат збунетост меѓу верниците.

-Не учествувајте и не коментирајте однесувања, коментари или забелешки што претставуваат вознемирување, закани, заплашување, етнички навреди, лични навреди, порнографија или непристојност. Лични напади врз луѓе врз основа на раса, пол, изглед, верска припадност или кое било друго однесување забрането со закон исто така се забранети преку каналите на социјалните медиуми. Свештенството и мирјанските раководители мора да избегнуваат и однесување што може да предизвика соблазна кај верниците или да ја намали веродостојноста на сведоштвото на Црквата, стои во една од препораките.

ПЦА наложува дека коментарите за Православната Црква во Америка или за други Цркви треба да се даваат со почит, без озборување, исмевање, клеветење или навредување на кој било начин.

-Дури и кога се изразува несогласување, таквата комуникација треба да биде умерена, исполнета со љубов и со почит кон црковниот поредок. Во ситуации што вклучуваат јавни контроверзии поврзани со Црквата, свештенството и мирјанските раководители треба да се воздржат од јавни коментари и да им препуштат на надлежните црковни власти да се изјаснат, стои во Кодексот.

Во него е предвидено дека само лица што се официјално назначени можат да користат социјални медиуми за да зборуваат во име на Црквата, или на некоја црковна институција во официјален капацитет.

-Ако некој не е официјално овластен да зборува во име на Православната Црква во Америка, мора да користи ограда дека изнесеното претставува лично мислење, а не став на Црквата, кога учествува во разговори на каналите на социјалните медиуми на Православната Црква во Америка. Примери за такви огради: * „Работам за Православната Црква во Америка, но ова е мое лично мислење.“ * „Не сум официјален портпарол, но моето лично мислење е…“ Ова барање обезбедува другите лесно да можат да ја разликуваат официјалната позиција на Црквата или нејзиното раководство од ставовите на нејзините вработени или волонтери, пишува во Кодексот.

Синодот на ПЦА бара учесниците во социјалните медиуми да ја почитуваат личната приватност, приватноста на соработниците и приватноста на организацијата, така што нема да давате лични или доверливи информации преку социјалните медиуми без дозвола.

-Не ги прекршувајте законите за авторски права и правична употреба и не плагирајте туѓи дела. Побарајте дозвола за користење материјал создаден од друго лице. Не користете ги електронските адреси на Православната Црква во Америка или официјалните канали на социјалните медиуми за лични цели. Користењето на логото на Православната Црква во Америка и други заштитени симболи е забрането без посебна дозвола од Канцеларијата на Митрополитот, пишува во Кодексот.

Она што е исто така важно е што овие насоки на однесување предвидуваат и опција за пријавување на секое прекршување Кодексѕ на однесување на Православната Црква во Америка и тоа треба да се пријави до Канцеларијата на Митрополитот, или до епархиските власти.

-Прекршувањата може да резултираат со дисциплински мерки и/или прекин на работниот однос, волонтерската поврзаност или можностите за служба. Одлуките за прекршувањата се донесуваат во согласност со важечката црковна власт и утврдените постапки на Православната Црква во Америка, стои во Кодексот.

ПЦА забележува дека целта на овие насоки не е да го ограничат слободното користење на социјалните медиуми. Напротив, тие имаат цел да ги поттикнат највисоките стандарди на однесување кај свештенството и мирјанските раководители и да ги заштитат Црквата и корисниците од злоупотребата на овие платформи.

П.С. Ако ваков Кодекс треба да биде применет во МПЦ-ОА, тогаш веројатно огромен дел од клирот ќе треба да биде ставен на одговорност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here