Почетна Политичка теологија Особено е важно Синодот да продолжи да опстои на правилната траекторија кон полнопрвна автокефалност

Особено е важно Синодот да продолжи да опстои на правилната траекторија кон полнопрвна автокефалност

2.37K
0

Професорот на Правниот факултет, Александар Спосеновски, од денешната дебата на Филозофскиот факултет за улогата на религијата во современото општество порача дека од особена важност е Синодот на МПЦ-ОА да опстои на правилната траекторија до полноправна автокефалност.

Во продолжение неговото обраќање.

Живеејќи во свет на социјални медиуми, на мемиња и на кратки твитер постови, навистина е несекојдневна можност да дискутираме за нешто многу постаро од ова секојдневие – религијата.

Силна е меѓусебната испреплетеност на верските заедници и државата.

Низ историјата некогаш религиите ја обликувале политиката на државата, а друг пат државната политика влијаела врз религиските работи.

Кога станува збор за Република Македонија, нашата држава изгради модел кој почива на три столбови:

  • Прво, меѓународните западно-европски стандарди;
  • Второ, на традициите на мнозинското население до православната верзија на христијанството и
  • Трето, на реалностите на постојниот верски пејсаж.

Во конкретна смисла, тоа ги подразбира овие четири аспекти:

  • Прво, во земјата како резултат на западно-европското наследство, државната власт е одвоена од верските организации, што претпоставува немешање на институциите во надлежностите на верските организации, како и забрана за суштинско инволвирање на верските организации во работите кои се во надлежност на државата;
  • Второ, РМ обезбедува највисоки гаранции за остварувањето на верските слободи и права на граѓаните, кои се темелат на универзалните и западно-европските станарди;
  • Трето, заради традициите на мнозинското население до православната варијанта на христијанството во светло на наследството на Византиската империја, православната црква во Македонија, како и нејзиното историско и духовно наследство, во симболичка смисла имаат примарно место;
  • Четврто, со оглед на хетерогениот верски пејсаж, РМ гради систем во кој се обезбедуваат силни гаранции за слободно делување и на Исламската заедница, Католичката црква, протестантските цркви, Еврејската заедница, како и на останатите помалубројни верски организации.

 

ОНА ШТО БЕШЕ 8 СЕПТЕМВРИ 1991ТА ЗА ГРАЃАНИТЕ, ТОА Е 9 МАЈ 2022ТА ЗА ВЕРНИЦИТЕ НА МПЦ-ОА

Кога станува збор за МПЦ-ОА, како резултат на еден  важен сплет на домашни и на меѓународни околности се случи историскиот 9 мај 2022 година кога Вселенската патријаршија го придвижи текот на историјата со одлуката за примање во канонско единство на современата наследничка на славната Охридска архиепископија.

Во оваа смисла како поважни се наметнуваат следните три околности кои доведоа до овој историски развој на настаните:

  • Прво, решавањето на спорот со името со Грција. Тоа доведе до конечно завршување на еден непријатен период во меѓусебните односи во кој доминираше инфлацијата на лоши вести;
  • Второ, поддршката на државните институции и општеството. После писмото на Синодот на МПЦ-ОА до Вселенската патријаршија со кое се бара Константинополскиот патријарх да го искористи своето апелациско право за конечно решавање на црковното прашање, следуваа и писмата на политичкиот врв упатени до Вселенскиот патријарх од 20.9.2020, односно од 22.9.2020 кои дадоа дополнителен придонес за натамошно зацврстување на декларираниот консензус.
  • Трето, поволната меѓународно-политичка консталација. Членството во НАТО како највисок национален интерес дополнително ја зацврсти стабилноста на Република Македонија, давајќи му нов квалитет на односите со нашите стратешки сојузници. Во светло на глобалните меѓународни поместувања, почетокот на решавањето на црковното прашање натамошно ја зајакна стабилноста на државата, правејќи ја поотпорна на надворешни малигни влијанија од трети страни. Оттаму, се наметнува и заклучокот дека одлуката на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија во канонско единство (а подоцна и очекуваниот томос за афтокефалност) е целосно комплементарна со евроатлантската ориентација на нашата држава, како и со декларираните интереси на САД во оваа насока.

Одлуката на Вселенската патријаршија е еден од поважните настани во нашата најнова историја, на слично рамниште со други достигнувања, како на пример со прогласувањето на независноста на Република Македонија. Она што беше 8 септември 1991та за граѓаните, тоа е 9 мај 2022та за верниците на МПЦ-ОА.

Имајќи го во предвид истакнатото, важно е да подвлечеме дека одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 година го одврза долгодеценискиот неправеден силно заврзан чвор на СПЦ и овој процес има неповратен ослободувачки карактер. Настаните што следуваа потоа, со одлуките на СПЦ или на РПЦ можеме да ги толкуваме единствено како последица на таквиот татковски потег на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј кон нас. Во спротивно, се поставува прашањето зошто одлуките на СПЦ и на РПЦ не се случија –  да речеме – 50на години порано или 50на години подоцна, туку се случија веднаш откако Вселенската Патријаршија ја зема нашата црква во прегратката?!

Потегот на Вселенската патријаршија со примањето на Охридската архиепископија во канонско единство е огромен придонес во насока на натамошно зајакнување на темелите на државата.

Во таа смисла, особено е важно Синодот да продолжи да опстојува на оваа исправна траекторија од 9 мај 2022 година која продолжи на 12 јуни 2022 година кога беше одржана заедничката богослужба во Константинопол на Архиепископот Стефан и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј на која за прв пат го слушнавме и македонскиот јазик.

На тој – сега веќе историски мај за државата и православните верници – мостовите на соработка со Вселенската патријаршија на општа радост беа обновени и тие секојдневно преку заедничките сослужувања, посети и контакти се зајакнуваат и се надоградуваат за добро на целата православна екумена.

Доколку ваквата динамика продолжи со сличен интензитет верувам дека е многу блиску денот кога ќе го посведочиме и тој за нас многу важен настан – кога Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во рамките на неговата прва, историска посета на нашата држава, ќе ѝ го додели томосот за афтокефалност на современата наследничка на славната Охридска архиепископија.

На самиот крај, без разлика дали се молиме интернетот да проработи или се молиме нашиот омилен спортски тим да победи, важно е смирено да дискутираме за религијата во секоја смисла.

Во оваа грандиозна сапуница наречена живот, несомнено е дека религијата игра важна улога – понекогаш таа е чудниот помошник, друг пат таа е мудриот ментор, но она што е најважно е да ги почитуваме нашите различни ставови и да ја негуваме меѓусебната толеранција.

Пишува: Проф д-р Александар Спасеновски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *