
Рамазан е најсветиот месец за муслиманите. Се слави настанот на предавање на Светата книга Коранот на Пророкот Мухамед. Според муслиманските верувања пред точно 1406 година во овој месец коранот му бил откриен на Архангел Гаврил, а тој потоа му го предал на пророкот Мухамед.
Рамазан секоја година се поместува 10 или 11 дена наназад, во зависност од тоа дали годината е престапна. Тоа е поради разликата меѓу муслиманскиот и грегоријанскиот календар. Се верува дека за време на овој празник рајските порти се отвораат, а оние на пеколот се затвораат.
Рамазан е еден од петте столба на исламот, покрај верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Овој муслимански празник се дефинира низ призмата на добрина, милост, љубов и простување. Во Коранот пишува дека Рамазан има четири димензии – духовна, морална, солидарна и здравствена.
Рамазан е време за обожување на Бог. Муслиманите треба да посветат повеќе време и внимание врз следењето на исламските учења и да избегнуваат лоши мисли и нерелигиозни разговори.
Рамазан претставува можност за муслиманот да го прочисти своето срце и да се врати на коренот, да размисли за својата срж, во длабочината на својата душа да ја пронајде добрината. Важен елемент од бајрамот е и неговата јавна пројава, извршувањето на групниот намаз, засилената грижа за личната и хигиената во домот, капење, дотерување на куќите и дворовите, убаво облекување, посетите на роднините и на пријателите, честитањата, усни и писмено, и дочекувањето гости.
Рамазан се одбележува преку едномесечниот пост. Од постот единствено може да бидат ослободени старите, болните и безумните. Исто така исклучок може да бидат бремените жени, жените во периодот на менструација и доилките. Децата не се обврзани да постат.
Во дел од арапските држави постот е само во првите неколку дена од Рамазан.
По триесетдневниот рамазански пост, следува тридневен Рамазански бајрам, кој се смета за голем празник во исламот.
/РЕЛИГИЈА.МК