Вчера вечер, во кино „Фросина“, се случи вистинска божикна магија. Мјузиклот „Божикна авантура“ ги собра присутните во едно заедничко чувство на радост, светлина и духовна блискост. Детските гласови на „Златно славејче“ и градскиот детски хор „Лале“ од Тетово, заедно со солистката Нела Манчевска, го исполнија просторот со чистота, надеж и искреност. Во тие мигови, Божик не беше само празник – беше чувство што ги прегрна сите присутни.
Со секоја нота, секој збор и секоја насмевка на сцената, публиката беше потсетена дека најголемото богатство не се наоѓа во материјалното, туку во љубовта, сплотеноста и светлината на чистото срце.
Приказната за Ана, Сара и Марко, оживеана преку актерите Калина Бошковска, Нина Младеновиќ и Иринеј Ковчиќ, ја поведе публиката низ градот на снегулките и ја врати таму каде што сè започнува – во верата, детската искреност и божествената љубов.
Мјузиклот е реализиран во режија на актерот Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска и сценографија на Зоран Тошески. Претставата е создадена според книга чија идеја е на Ангел Мицевски, а текстот е дообликуван од Марија Ангеловска Дангева.
Оваа вечер не би била иста без несебичната посветеност на Ансамбл „Симбиоза“, актерите, музичарите, волонтерите и сите оние кои повеќе од два месеци, тивко и со многу љубов, ја градеа оваа сценска бајка. Организаторите изразуваат искрена благодарност што и оваа година заедно беше живеена мисијата – достоинствено да се најави Христовото Раѓање, преку детска радост и народна љубов.
Присутните си заминаа со срца полни – со светлина што сакаат да ја носат и понатаму, и со надеж дека оваа божикна радост ќе продолжи да обединува, дома, на улица и во секојдневието.
Посебна благодарност е упатена до Град Скопје и МКЦ за отстапениот простор.
/Црковен Журнал ЛОГОС

