Митрополитот на Халкидон, Емануил, во интервју за радиоемисијата „Параполитика 90.1“ се осврна на неодамнешниот вербален напад од страна на Руската служба за надворешно разузнавање врз Вселенски патријарх Вартоломеј, како и на перспективите за повторното отворање на историската Богословска школа на Халки.
Во врска со нападите, митрополитот истакна дека ваквите изјави не се новост, но овојпат доаѓаат од политички, а не од црковни кругови. Според него, во сегашната ситуација во Русија, политичкиот и црковниот фактор дејствуваат како „соединети садови“, следејќи иста линија на делување. Тој нагласи дека користењето неморален и агресивен јазик сведочи за раздразнетост и загриженост, но дека обвинувањата се неосновани.
Одговарајќи на прашањето дали ја смета улогата на Московската патријаршија за подривна, митрополитотЕмануил изјави дека е уверен оти изјавите што доаѓаат од руските тајни служби не се дадени без знаење, согласност или благослов од страна на Московската патријаршија. Тој потсети дека Вселенската патријаршија никогаш не ја затворила вратата за дијалог и дека патријархот од самиот почеток покажал подготвеност за заедничка позиција меѓу двете цркви во врска со украинското прашање, но таа иницијатива не била прифатена од другата страна. И покрај тоа, додаде тој, Вселенскиот патријарх и понатаму редовно го спомнува името на Московскиот патријарх во богослужбите.
Говорејќи за прашањето на Богословската школа на Халки, митрополит Емануил изрази умерен оптимизам. Тој посочи дека по средбата со американскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган најавил дека ќе разговара за ова прашање со Вселенскиот патријарх. Според митрополитот, актуелната позиција на турскиот претседател покажува добра волја за повторно отворање на школата.
„Од наша страна постои оптимизам дека сме на вистинскиот пат и дека има подготвеност за соработка со надлежните министерства, со цел Богословската школа на Халки повторно да започне со работа“, истакна митрополит Емануил, додавајќи дека, како што веќе беше најавено, тоа би можело да се случи уште од септември оваа година. Тој изрази надеж дека претстојната средба со турскиот претседател ќе придонесе работите да се развиваат во позитивна насока, што, според него, одговара и на волјата на турската страна.

