Македонски хор и играорци пееја и играа на македонски пред Вселенскиот патријарх и Албанскиот архиепископ

Date:

Share post:

Хорот „Козма Пречистански“ од Кичево, заедно со студенти од музичкото средно образование и играорци, учествуваше во свеченостите по повод празникот Успение на Пресвета Богородица на островот Имврос во Турција.

Посетата била реализирана по покана на Митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, а со благослов на епископот Антаниски, Партениј.

Членовите на хорот учествувале во повеќе богослужбени и културни настани, меѓу кои и Молебен канон заедно со Митрополитот Кирил. На празникот Успение на Пресвета Богородица, тие пееле на певниците заедно со домашните псалти и митрополитот.

Успенската божествена литургија ја предводеле Вселенскиот патријарх и Архиепископот на Тирана, а хорот учествувал со пеење на стихови на повеќе јазици – македонски, албански, црковнословенски и грчки.

Покрај богослужбениот дел, македонските учесници настапиле и на празничната културна програма. Пејачите и играорците претставиле дел од македонската традиција преку изведба на повеќе песни и традиционални ора, придружувани од музичари.

Од хорот „Козма Пречистански“ велат дека учеството на Имврос за нив претставувало искуство на православно единство.

„Нема поголема сила од единството во Православието – тоа вистински го почувствувавме како живо искуство“, се наведува во објавата на хорот.

„Среќни сме што бевме дел од една ваква духовна прослава каде вистински се чувствува дека сите сме едно“, наведуваат од хорот.

Учеството на хорот „Козма Пречистански“ во свеченостите на Имврос претставуваше спој на богослужбеното и културното наследство, со претставување на македонската духовна и традиционална музика пред присутните на островот.

За учеството на македонските играорци, известиија и дел од грчките црковно портарли.

-По Божествената Литургија следеше литија со иконата на Пресвета Богородица низ улиците на Агриди. На плоштадот во селото беше приредено традиционално имвроско послужување, а млади девојки и момчиња од Охридската Архиепископија Охридска пееја и играа во чест на Вселенскиот патријарх и на поклониците, пишува Orthodoxia Info.

2 COMMENTS

  1. О, па тие ќе доживеат две Успенија на Пресвета Бохородица во иста година. Дури и внатре во самата Константинополска Патријаршија се следат два различни календари: стариот Јулијански и ревидираниот Јулијански календар. Интересно за една Патријаршија која инаку бара унифицираност за прашања што се значајни за акцентирање на Нејзиното првенство (еклисиолошка терминологија за именување на Помесни Цркви и сл.) да покажува всушност голема флексибилност во поглед на богослужбениот календарски циклус. Две Рождества Христови, две Богојавленија итн. Во рамките на иста држава (Грција) може да доживеете да присуствувате на литургија за ист празник двапати, во растојание од две седмици. Навистина интересно. Стариот Јулијански календар во рамките на Константинополската Патријаршија го следат и некои етнички заедници, не само Света Гора. Крајно интересно како еден ист православен центар може да биде флексибилен дури и за етничките особености на одредени православни заедници, но не може да го ороголта називот Македонска Православна Црква, демек во име на својата универзална еклисиолошка принципиелност. Ајде да видиме како ќе се развиваат нештата на овој план. А хорот “Козма Пречистански” (каков е тој Козма Пречистански, да не е Св. Козма Пречистански?) ќе пее и на уште едно Богородично Успение, овојпат по стариот јулијански календар. Интересно. Не дека ми пречи, за мене нема граници во овие работи, ама за големите чувари на чистотата на Православието тоа во редовни околности би бил преседан – или веќе не е?

  2. Не гледам тука ниту некаков преседан, ниту противречност. Пред сè, не станува збор за „две Успенија“, „две Рождества“ или „две Богојавленија“, туку за еден ист празник кој, поради употребата на различни календарски системи, се празнува на различни граѓански датуми. Календарската разновидност во Православната Црква не создава ниту две вери, ниту две Цркви, ниту две различни догматики.

    Токму затоа споредбата со именувањето на една Помесна Црква е прилично проблематична. Богослужбениот календар и еклисиолошкиот статус, јурисдикцијата и официјалното именување на една Црква едноставно не се прашања од иста категорија. Фактот што Константинополската патријаршија покажува пастирска флексибилност во однос на календарот не значи дека по автоматизам треба да ги прифати сите национални или црковно-политички барања на секоја Помесна Црква.

    А кога веќе зборуваме конкретно за нас, мислам дека треба да бидеме малку поправедни кон Вселенската патријаршија. На 9 мај 2022 година токму таа ја прими нашата јерархија, свештенство и народ во евхаристиско општење и официјално прогласи дека со тоа се исцелува раната на расколот. Административните прашања потоа ги остави да се регулираат со Српската православна црква, која дотогаш ни беше најголема пречка.

    Да, во истата одлука Константинопол го прифати името „Охридска“ и го исклучи терминот „Македонска“, повикувајќи се и на претходно дадено писмено ветување од нашиот претстојател. Може да ни се допаѓа или да не ни се допаѓа тоа решение, може и да се разговара за него, но малку е неблагодарно целата приказна да се претставува како некаква грчка нефлексибилност кон Македонците, а да се заборави кој во 2022 година го направи клучниот чекор со кој по децении изолација повторно бевме примени во евхаристиско општење.

    Црковното единство не функционира по принципот: „Ние вака се нарекуваме и сите останати се должни безусловно да го прифатат тоа“. Единството речиси секогаш бара некој да направи отстапка, да понесе товар и да се откаже од дел од сопствениот максимализам. Во 2022 година Вселенската патријаршија направи огромен чекор кон нас. Можеби е време и ние да престанеме секој компромис што не ја исполнува во целост нашата национална желба да го доживуваме како неправда.

    А што се однесува до хорот, нема никаква мистерија: неговото полно име е „Митрополит Козма Пречистански“ – не „Св. Козма Пречистански“. И навистина не гледам што би било спорно православен хор од Македонија да пее на богослужба на Света Гора, Имврос или каде било друго место за истиот православен празник, само затоа што таму се употребува стариот календар. Напротив, токму тоа е убав пример дека црковното единство е поголемо од календарот, етничката припадност и нашите локални поделби.

    Можеби токму тоа е поуката од целата приказна: Православието не бара сите да бидеме идентични, туку да умееме да останеме едно и покрај разликите. А тоа подразбира и флексибилност, но и жртва од сите страни – не само од онаа страна од која во моментот ние нешто бараме.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img