Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е убиен во големиот напад од Израел и САД, потврдија иранските државни медиуми рано изутринава, ставајќи ја во прашање иднината на Исламската Република и зголемувајќи го ризикот од регионална нестабилност.
Државните медиуми објавија дека 86-годишниот Хамнеи бил убиен во воздушен напад насочен кон неговиот комплекс во центарот на Техеран. Сателитските фотографии од Ербас покажаа дека местото било силно бомбардирано. Неговата смрт во неговата канцеларија „покажа дека тој постојано стоел меѓу луѓето и на чело на своите одговорности, соочувајќи се со она што властите го нарекуваат глобална ароганција“, соопшти државната телевизија.
Американскиот претседател Доналд Трамп, неколку часа претходно објави дека иранскиот духовен водач е убиен.
„Хамнеи, еден од најзлите луѓе во историјата, е мртов“, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи. Тој предупреди за „силно и прецизно бомбардирање“ за кое рече дека ќе продолжи во текот на целата недела, па дури и понатаму, како дел од смртоносен напад што САД го оправдаа како неопходен за онеспособување на нуклеарните капацитети на земјата.
„Ова не е само правда за народот на Иран, туку и за сите големи Американци и оние луѓе од многу земји низ целиот свет, кои биле убиени или осакатени од Хамнеи и неговата банда крволочни БАНДИТИ“, напиша Трамп на Трут соушал откако беше најдено телото на Хамнеи.
Израел соопшти дека денеска започнал уште еден бран напади врз Иран, додека Иранците се справуваат со неизвесност по убиството на Хамнеи во нападите на САД и Израел, кои се закануваат да го дестабилизираат поширокиот Блиски Исток.

