Почетна Коментар Играта се вика журнализам…
Играта се вика журнализам…

Играта се вика журнализам…

409
4

Уште на почетокот ќе бидам нескромен и ќе речам: Ако не сакав да ја објавам веста за двајцата владици на МПЦ-ОА кои се на лекување поради Ковид 19, никогаш немаше ниту да дознаете дека се заразени, а не пак и каде се лекуваат.

Но, одлуката да ја споделам веста беше професионален порив и мотивинарана од талибанските православци кои пред Велигден агресивно и нахално се нафрлаат на сите свештеници кои зборуваат за сериозноста од вирусот и потребата од вакцинација. Целта беше кога ќе прочитаат дека двајца владици на МПЦ-ОА се на болничко лекување, можеби ќе стават прст на глава и ќе разберат дека Бог е милостив и помага така што создал лекари и медицина.

Но, очигледно направив превид… Не изанализирав добро дека македонскиот журнализам е како прле пред магаре и наместо за суштината се фаќа за формата.

Така, фаќајќи се за формата, на талибанските православци им овозможи лежерност да продолжат со своите конспирации, затоа што од се, моите драги журналисти, се фатија за приватното лекување на владиците. Од кај пари, како не им е срам, што се тие повеќе од верниците.. и се така по ред. Суштината, дека свештениците имаат сериозен проблем со учени-недоучени верници, остана да плови по Вардар.

Работејќи повеќе од две децении на религија и верски прашања, одамна ми стана јасно дека најлесно тренирање демократија во Македонија е ако удрите врз МПЦ. Тука имате бришан простор, лесно се освојува емоција, лесно се поентира. Нешто слично е и со други верски заедници, иако, на пример, тренирањето демократија кај некои други верски заедници знае да побуди страв, а со тоа и малку повеќе самокотнрола.

Како и да е…  Нашиот журнализам, како и обично покажува високо ниво на неодговорност и неможност да се канализира во суштината на општествена вредност. Тоа е така затоа што се води од сензационализмот, а не од општествената одговорност. Настрана тоа што за себе гаиме илузии дека сме најпаметни.

Но, да бидеме на јасно. Јас немам никаква намера, никого, ама баш никого да амнестирам, ниту да бранам. Со Владиката Петар воопшто и не комуницирам повеќе од седум години. Последниот мој контакт со него беше со негова констатација: „ке се видиме на страшниот суд“. Причината беше мојот став за црковниот проблем во Австралија, за кој јас и денеска тврдам дека тој не беше во право. Со Владиката Агатангел сум личен пријател. Но, секогаш критичар на секој негов потег, или изјава за кој сметам дека не е исправен. Сум бил и сум критичар на секоја девијација во МПЦ-ОА, за тоа сум бил во конфликт со половина Синод на МПЦ-ОА, но да се создава лажна тема со теза зошто владици на МПЦ-ОА се лечеле во приватна болница, а не во државна е тендециозност и лечење фрустрации. Извинете.

Еве јас ќе кажам дека одлуката на Петар и Агатангел да се лекуваат во приватна болница е совршено ниво на општествена одговорност, како што доликува на еден владика и за тоа можам да полемезирам до утре. Зошто?

Владиката Петар има 75 години, Владиката Агатангел 66 години. Хоспитализирани се превентивно поради можни компликации од различен вид од вирусот. И, наместо да користат капацитети во државните болници, каде до место тешко се доаѓа, како што тоа го прават сите кои имаат и пријатели и врски, а можеби се и политичари и новинари и општествени фаци, они одбрале приватна болница каде се плаќа. Да се плаќа. Дали ќе платат, или Орце ќе ги лекува без пари е одлука на приватната болница.

Додека ние правиме драми од лекување на владици, сериозни држави, како Грција, Бугарија, Албанија, Србија, за Русија ич муабет не правам, владиците ги третира како пациенти од висок национален интерес. Да ве потсетам каде се лекуваше Српскиот Патријарх Иринеј? Да, тие се лекуваат од Ковид на ниво на државници од висок степен на интерес.

Но, нејсе… и тоа не е толку важно во една секуларна држава. Најважно е што за нивното лекување не се трошат јавни и државни средства. Можеби се трошат средства на верниците, но тоа се лични средства на луѓето кои веруваат во Црквата и кои се ќе направат за да им возвратат на своите духовни отци. Штета што површинскиот журнализам тоа не може да го разбере.

П.С. Гледам и дел лекари се загрижиле од каде пари за приватно лекување на владици, па гордо констатирале дека тоа е високо ниво на неодговорност.

Знаете што е високо ниво на неодговорност?

Во текот на денот, како лекар, повеќе време да посветите на пишување статуси на Фејсбук, отколку на лекување пациенти.

Така добро да лекувавте пациенти, како што така добро пишувате статуси на ФБ, можеби и немаше да бидеме први во светот по смртност од Ковид 19.

Коментар(4)

  1. “..од талибанските православци кои пред Велигден агресивно и нахално се нафрлаат на сите свештеници кои зборуваат за сериозноста од вирусот и потребата од вакцинација.” — samo kupenik moze neshto vakvo da napisi i objavi. Sramota!

  2. Go molat Boga sekoj den za se sto, a ne im se odi kaj nego na pretstavuvanje, odat pred lekari, a nejcat pred Boga- kakvi se tie vladici nevernici, povece veruvaat vo gresnite lekari, otkolku vo pravedniot i semocniot Bog.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *