Христијанскиот етос не смее да стане средство за воени и политички цели

Date:

Share post:

Во Скопје од 22 до 26 јуни се одржа Четвртата светска конференција за религиски дијалог и соработка, посветена на темата „Религијата како оружје на војната: во минатото, сегашноста и иднината“. На меѓународниот научен собир, кој обедини десетици професори, истражувачи и експерти од повеќе континенти, со свој научен труд учествуваше и монахињата Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица.

Конференцијата свечено беше отворена во Музејот на македонската борба во Скопје, каде што се обратија Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан и поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир Фетаи. Работниот дел од конференцијата се одржа во комплексот „Македонско село“.

Настанот беше организиран од Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под покровителство на Министерството за култура и туризам. Во организацијата учествуваа професорите Зоран Матевски и Ратко Дуев.

Годинашната конференција собра 79 професори, научници, истражувачи и дипломати од Европа, Северна и Јужна Америка, Азија и Африка. Меѓу учесниците беа и светски познати експерти во областа на религијата, меѓурелигискиот дијалог, филозофијата и теологијата.

На конференцијата учествуваше и монахињата Ефимија од манатсирот во Рајчица. Во своето излагање таа говореше за злоупотребата на христијанскиот етос во услови на вооружени конфликти, истакнувајќи дека учењето на Црквата, чија суштина е мирот и љубовта, не смее да биде инструментализирано за остварување воени и политички цели. Посебен акцент беше ставен на меѓународните правни стандарди и практиката на Европскиот суд за човекови права во заштитата на верските слободи и човековите права.

На конференцијата со научен труд учествуваше и отец Бобан Митевски, кој говореше на тема „Безбедносно планирање и процена на ризиците кај верските заедници во Република Северна Македонија: осврт на МПЦ-ОА“.

Учеството на монахињата Ефимија и на отец Бобан Митевски претставува значаен придонес на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во современите научни и општествени расправи за улогата на религијата, мирот и заштитата на човековите права.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img