Портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис изрази јасна и недвосмислена поддршка за Вселенски патријарх Вартоломеј, коментирајќи го најновиоѕ вербален напад што против него го покренаа руски државни институции.
Говорејќи на денешниот брифинг со политичките уредници, Маринакис истакна дека поддршката за Вселенскиот патријарх претставува „света должност на сите православни христијани“. Тој нагласи дека патријарх Вартоломеј е личност која, покрај докажаните способности како поглавар на Православната црква, доследно ги проповеда верата и хуманитарните вредности.
Изјавата на грчката влада следи по соопштението објавено на 12 јануари 2026 година од страна на руските разузнавачки служби, во кое се тврди дека Вселенскиот патријарх „се обидува да сее раздор во рускиот православен свет“ преку наводно приближување кон властите на балтичките држави. Во истото соопштение се изнесени и обвинувања дека тој планирал да ѝ додели автокефалност на Православната црква во Црна Гора, како форма на одмазда против, како што се наведува, „особено тврдоглавата Српска православна црква“. Дополнително, руската страна изнесе и тврдења за наводна „соработка меѓу Вселенската патријаршија и странски разузнавачки служби“, обвинувања кои предизвикаа остри реакции и во црковните кругови и на политичко ниво.
Вселенска патријаршија брзо одговори на обвинувањата, категорично отфрлајќи ги. Во официјалното соопштение беше нагласено дека „фантастичните сценарија, лажните вести, навредите и фабрикуваните информации од каков било вид, што ги шират пропагандисти, не ја одвраќаат Вселенската патријаршија од продолжување на нејзиното служење и нејзината вселенска мисија“.
Јавниот став на грчката влада се надоврзува на сè поширокиот бран на политичка и црковна поддршка за Вселенскиот патријарх, во време на засилени тензии околу прашањата за црковната автономија и геополитичкото влијание во православниот свет.


