Министерството за надворешни работи на Грција во четвртокот нагласи дека муслиманското малцинство во Тракија е верско, а не етничко малцинство, одговарајќи на ставовите на Министерството за надворешни работи на Турција.
Како што се истакнува, Договорот од Лозана од 1923 година, кој го регулира правниот статус на малцинството, „не дозволува различни толкувања“ и јасно го дефинира неговиот верски – а не етнички – карактер.
Министерството подвлече дека во Договорот од Лозана „не постои одредба за избор на муфтии од страна на малцинството“, ниту тоа би било можно со оглед дека тие имаат и судски и административни надлежности.
Во таа насока се посочува дека грчката држава со Законот 4964/2022 предвидела формирање комисија составена од припадници на малцинството, вклучително и жени, која ги оценува и предлага најсоодветните кандидати за функцијата муфтија.
Согласно овој закон, веќе е завршено именувањето на новиот муфтија во Дидимотихо, додека јавните повици за позициите муфтија во Ксанти и Комотини се веќе објавени. Воедно се потенцира дека и во самата Турција муфтиите се назначуваат, а не се избираат.
Во заклучок, грчкото Министерство за надворешни работи истакна дека Грција, како држава заснована на владеење на правото, прашањата поврзани со муслиманското малцинство во Тракија ги третира одговорно – врз основа на принципите на еднаквост пред законот и еднакви граѓански права – и пред сè ја гарантира верската слобода на неговите припадници.
„Ова нема да се промени, исто како што нема да се промени ни определбата на малцинството утврдена со меѓународното право, без оглед на тоа што некои одбиваат да го прифатат очигледното“, се наведува во соопштението.
