Светиот синод на Бугарската православна црква одлучи оваа година да не испрати делегација во Израел и во Светиот град Ерусалим за пренесување на Благодатниот оган, поради тековниот воен конфликт на Блискиот Исток.
Одлуката е донесена имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, откако Министерството за надворешни работи на Бугарија издаде предупредување за патување од ниво 5 – највисоко ниво на ризик – со кое се советува да не се патува во Израел и Палестина, а граѓаните да го напуштат регионот.
И покрај отсуството на официјална делегација, Благодатниот оган сепак ќе им биде достапен на верниците во Бугарија.
-Огнот, кој се чува во главниот град Софија, ќе може да се прими во Синодалната капела „Свети цар Борис-Михаил“ по 14:00 часот на Велика сабота, на 11 април. Светиот синод исто така ги повика православните христијани да упатат усрдни молитви за прекин на конфликтот на Блискиот Исток и за мир во Светата Земја и низ целиот свет, стои во соопштението на БПЦ.
