
Дејан Чиплаковски е најсреќниот меѓу дваесетмината учесници, кои во водите на реката Брегалница во Берово, прв стигна до светиот крст во рамки на денешното чествување на големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски на Чиплаковски му посака многу среќа и успех во Новата година.
-Честитки и многу успех посакувам и на сите кои се фрлија по светиот крст, во водите на Брегалница, во Берово, а на сите беровци им го честитам денешниот празник Богојавление – Водици, еден од најголемите христијански празници, кога Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан, рече Пекевски.
Од Буџетот на Општина Берово за Чиплаковски е обезбеден вредносен ваучер од 10 илјади денари, а вредносен ваучер од 12.000 денари Чиплаковски доби и од компанијата „Зегин“.
За Дејан Чиплаковски ова е втор пат како го фаќа светиот крст за Водици во Берово. Чинот на осветување на водите го извршиај свештениците од црквата во Берово.
/МИА