Бугарскиот патријарх Даниил во Софија прими делегација од Вселенската патријаршија, која му пренесе поздрави од вселенскиот патријарх Вартоломеј, објави БПЦ.
Како што се наведува во соопштението, средбата се одржала на 12 март во зградата на Софиската света митрополија во Софија. Во составот на делегацијата биле митрополитот Емануил Халкидонски, митрополитот Кирил Имвроски и Тенедоски, како и архимандритот Аетиј, голем еклисијарх и началник на кабинетот на вселенскиот патријарх. На средбата присуствувале и митрополитот Серафим Неврокопски и епископот Јован Браницки, прв викарен епископ на софискиот митрополит.
Овој состав на делегацијата на Вселенската патријаршија е исклучително високо ниво и веројатно таа посета има многу поголема важност од само пренесување на братските поздрави од Вартоломеј, по посетата на патријарх Даниил на Фанар во декември минатата година, како што пишува БПЦ.
БПЦ пишува дека во разговорот било нагласено значењето од меѓусебната комуникација и соработка во името на единството на Православната Црква.
Делегацијата го информирала бугарскиот патријарх и за претстојните свечености по повод 35 години патријаршеска служба и 65 години од ракополагањето во ѓаконски чин на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кои ќе се одржат на островот Имврос, неговото родно место.

