Почетна Интервју Архимандрит Партениј: Потребно е историско помирување меѓу Македонците и Бугарите
Архимандрит Партениј: Потребно е историско помирување меѓу Македонците и Бугарите

Архимандрит Партениј: Потребно е историско помирување меѓу Македонците и Бугарите

2.30K
1

Архимандритот Партениј, Игумен на Бигорската обител смета дека од суштинско значење и на Македонците и на Бугарите, во моментов е едно историско помирување, или акко што тој тоа го дообјансува „сите да ја прифатиме новата реалност, но и да си го прегрнеме сето она што историски нѐ поврзува меѓусебно.“

-Никако не смее да се допушти нахално, присилно менување или мешање во националното чувство коешто низ годините се формирало, оти тоа повторно би довело до несакани последици и ново страдање. Всушност, ваков постепен развиток на националното чувство и јазик низ историјата на народите не е нешто ново во светот. И Австријците, на пример, се длабоко свесни во себе дека имаат силно испреплетена историја со Германците, но денес, сепак, во најголем дел се чувствуваат како Австријци, имаат своја посебна држава и се развиваат самостојно. Мислам дека искреното спроведување на Договорот од двете страни води во тој позитивен правец на меѓусебно разбирање и зближување, вели Архимандритот Партениј во интервју за порталот „поглед.мк“.

Отец Партениј, чиј став изминатиов период околу поддршката на Договорот за добрососедство меѓу Софија и Скопје, ја разбранува јавноста, вели дека тој чекор го направиле водени од вистинољубивоста и искрената љубов кон македонскиот народ, а реагициите ги оценува како тежпк обид да се пробие вистината во “сите тие, со години наметнувани пропаганди и историски фалсификат“.

Нашето кажување некои го сфатија како поддршка на одредена политичка партија, некои, пак, како атак врз македонската нација. Оттаму имаше и индивидуални напади, но, сите бевме сведоци, не изостана ни партиската агитациона машинерија. Во овие напади, пред сè, се покажа длабокото непознавање на сопствената историја кај нашиот народ, и таквата жална состојба е разбирлива, бидејќи е последица на споменатава систематска пропаганда што трае со децении. Темелите на нашата државност ние ги поставивме во комунизмот, што е во секој случај една голема придобивка за нас како народ, но не треба да заборавиме дека тоа беше едно тоталитарно општество, кое со монструозни методи ги бранеше своите интереси, уништувајќи ја самостојната македонска интелигенција. И во тој период едноставно не беше возможно, со оглед на околностите во кои се наоѓаше нашата Татковина, историјата да се изучува објективно. Страшно е што таквиот приод кон историјата продолжи, како по некоја инерција, и после 90 – те години, кога веќе тој режим насекаде се распадна и Македонија стана самостојна држава. Нашето општество не успеа да собере сили да се помири со својата историја, или поточно, да направи една историски издржана и фактографски оправдана национална платформа, која ќе му даде имунитет на националното македонско чувство. Дури и во последнава деценија сме сведоци на уште една, исто така мошне интензивна етапа од извртувањето на историјата, на едно неосновано поистоветување со нешто што ни е туѓо и несвојствено како народ, и сето тоа создава збунетост, паника кај луѓето, а и пречи во меѓународната интеграција на земјата, што, пак, ја става нацијата во опасност. Дефинитивно, нашата демократија е ставена пред еден тежок испит. Сега, кога тоталитарните уредувања се анахрони и треба да останат само дел од минатото, е вистинскиот момент нашата држава да се посвети и да смогне сили за национално помирување со сите личности и процеси од нашата историја и во соработка со сите чинители на општеството, да направи таква издржана историско-национална платформа, која ќе се темели на факти. Само тоа може да помогне оваа нација да се одржи и да се надева на иднината. Во спротивно, македонизмот, ваков каков што е, и кој особено својот ужасен лик го дефинира во последните години, е еден монструм кој, налик на митолошкото грчко божество Хронос, ги јаде своите деца. Пример, живееме во време кога електронската технологија и интернет комуникацијата се многу високо развиени и младите, како и оние позаинтересираните, многу лесно добиваат пристап до историски извори и информации, кои до пред скоро не можеа да ги најдат во образовниот систем или во медиумите. Доаѓајќи во допир со нив, тие, разочарани, или се полнат со фрустрации и комплекси, или стануваат нешто друго, а не Македонци, вели Архимандритот Партениј во интервјуто за „Поглед.мк“.

-Со нашите соседи со векови сме живееле заедно, без граници. Најпрвин во рамките на Византиската Империја, а потоа и во Отоманската, што довело до тоа нашите истории, во многу аспекти да се испреплетуваат, нашите култури да се толку блиски, што слободно можеме да кажеме дека во многу сегменти на културното живеење, било да станува збор за музиката, уметноста, или нешто друго, сите ние на Балканот имаме големи сличности. Затоа треба да се престане со сите оние нешта кои нѐ разделуваат, особено, како што нагласивме погоре, со  трендот на присвојување, односно ставање ексклузивитет на историјата. Тоа е голема грешка. Секако и нашите соседни браќа треба да покажат разбирање, со оглед на тоа дека после толку долга пропаганда и вршење геноцид врз нашиот народ, чудо на Бога е како тој опстојал, направил своја држава и ја возобновил својата Црква. Што се однесува до источниот сосед, бугарскиот народ, мораме да признаеме дека, гледано од историски, културолошки и јазичен аспект, тој е нашиот најсроден соседен народ. Бугарија, пак, како држава досега се покажала  најпријателски расположена кон Македонија, за што треба да ѝ бидеме благодарни. Тоа недвосмислено го покажуваат и многубројните историски факти до денешно време. Во контекст на оваа тема, би сакал да го истакнам и мошне длабокото и прогресивно мислење на многумина упатени и учени луѓе од двете држави, дека претераните крајности без расудување, можат само уште повеќе да наштетат во односите меѓу двете држави и да го зголемат јазот на меѓусебните недоразбирања. Така, на пример, калкулирањето со бројот на бугарското малцинство во Македонија врз оснoва на количеството издадени бугарски пасоши е, навистина, нереално. Верувајте, од лично искуство знаеме дека повеќето Македонци, иако се иматели на бугарски пасош, не само што немаат бугарско национално чувство, туку, напротив, поради незнаење се особено нетрпеливи и тонат во омраза против бугарскиот народ. Исто така, штетно и надвор од стварноста е негирањето на некои историски процеси што самостојно се одвивале во Македонија. Во тој контекст, на пример, не може да се негира и занемари реалното постоење на македонскиот јазик, што се развил и кодифицирал како резултат на историските околности и веќе 70 години самостојно и институционално се развива во една засебна држава, вели отец Партениј.

Целото интервју прочитајте го ОВДЕ.

Коментар(1)

  1. Многу длабоко и реално согледување на нештата! Отец Партениј покажа дека е човек на просветлението, широкоград, историски многу добро поткован, родољубец, со одлична перцепција на историјата, но и реален поглед кон сегашноста. Вистински духовен водач на народот!Храбар сведок на вистината, која, како што самиот се изрази е „патот по којшто секогаш треба да одиме, и како поединци, но и како народ“. Луѓето како него се големо богатство за македонскиот народ и држава. Секоја чест!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *