Српската православна црква го коригираше официјалното соопштение за архијереите кои сослужуваа на погребот на митрополитот Иринеј во Нови Сад, откако Религија.мк укажа дека митрополитите Наум Струмички и Петар Преспанско-пелагониски од Македонската православна црква – Охридска архиепископија се наведени во низата архијереи на СПЦ, без да биде посочена нивната црковна припадност.
Во изменетата верзија на соопштението, СПЦ ја дополни формулацијата и јасно наведе дека митрополитите Петар и Наум се архијереи на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Со тоа, во текстот објавен на официјалната интернет-страница на СПЦ е направена разлика меѓу архијереите на Српската црква и претставниците на другите помесни православни цркви кои учествуваа во богослужбата.
Сепак, корекцијата не е направена и на сите официјални канали на Српската црква. На пример на официјалниот Фејсбук-профил на српскиот патријарх Порфириј сè уште е достапна првичната објава, во која Наум и Петар се наведени во истата низа со митрополитите на СПЦ, без да биде наведено дека доаѓаат од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Така, на едната официјална платформа на СПЦ е објавена коригирана верзија, додека на профилот на нејзиниот поглавар останува формулацијата поради која реагираше Религија.мк.
Ова не е првпат Религија.мк да укажува на вакви пропусти во официјалната комуникација на Српската православна црква. Редакцијата и во претходни случаи реагирала на формулации и постапки со кои се доведува во прашање или се замаглува црковниот идентитет и институционалната припадност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Религија.мк и понатаму ќе укажува на ваквите појави, затоа што смета дека нивното постојано повторување не може секогаш да се објаснува како ненамерна грешка или пропуст во редактирањето. Кога истите или слични ситуации се повторуваат, особено во официјални соопштенија и објави на највисоките црковни претставници, тоа отвора сериозно прашање дали станува збор за случајност или за намерно испраќање пораки со провокативна содржина.
Религија.мк смета дека ваквата практика не придонесува за градење на доверба и добрососедски црковни односи, туку создава непотребни тензии и остава простор за толкување дека станува збор за намерни провокации.

