СПЦ ги наведе Наум и Петар меѓу своите владици на погребот на Иринеј

Date:

Share post:

Митрополитите на МПЦ-ОА, Наум Струмички и Петар Преспанско-пелагониски, сослужуваа на заупокоената литургија во Нови Сад, но во официјалното соопштение на СПЦ се наведени во низата архијереи на Српската црква, без да биде посочена нивната припадност на Македонската православна црква.

Двајцата архијереи на Македонската православна црква – Охридска архиепископија беа дел од бројните црковни великодостојници кои пристигнаа на погребот на митрополитот Иринеј, кој 36 години беше на чело на Бачката епархија.

Но, вниманието го привлекува начинот на кој Српската православна црква ги претстави во своето официјално соопштение за богослужбата.

Во набројувањето на архијереите кои сослужувале со патријархот Порфириј, СПЦ ги наведува митрополитите Петар и Наум веднаш по митрополитите од Руската православна црква, Руската задгранична православна црква и Грчката православна црква. Потоа продолжува со набројување на архијереите на Српската православна црква.

Меѓутоа, за разлика од другите гости од помесните православни цркви, кај Наум и Петар не е наведено дека се архијереи на МПЦ-ОА, ниту е посочено од која црква доаѓаат. Нивните титули се наведени само како „преспанско-пелагониски Петар“ и „струмички Наум“, во истата низа со архијереите на СПЦ.

-На предстојателот на Српската православна црква му сослужуваа: Неговото Блаженство архиепископот прешовски и митрополит на Чешките земји и Словачка, г. Растислав; високопреосвештените митрополити: волоколамскиот Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија; берлинскиот Марко од Руската задгранична православна црква; крфскиот Нектариј од Грчката православна црква; преспанско-пелагонискиот Петар и струмичкиот Наум; банатскиот Никанор, скандинавскиот Доситеј, врањскиот Пахомиј, шумадискиот Јован, милешевскиот Атанасиј, крушевачкиот Давид, тимочкиот Иларион, нишкиот Арсениј, далматинскиот Никодим и будимљанско-никшичкиот Методиј; преосвештените епископи: бихаќко-петровачкиот Сергиј, осечкополскиот и барањскиот Херувим, ваљевскиот Исихиј, шабачкиот Јеротеј, лондонскиот и епископ на Велика Британија и Ирска Нектариј, марчанскиот Сава, диоклискиот Пајсиј, новобрдскиот Иларион, липљанскиот Доситеј, јенополскиот Никон; и штутгартскиот Јов од Руската задгранична православна црква, пишува во соопштението на СПЦ.

Оваа разлика во формулацијата е особено забележлива бидејќи станува збор за официјално соопштение на СПЦ, во кое се прави јасна разлика меѓу архијереите на Српската црква и гостите од другите помесни православни цркви.

Во богослужбата учествувале и претставници на Антиохиската патријаршија и Грчката православна црква од свештеничкиот ред, кои исто така се идентификувани според црковната припадност.

Заупокоената литургија се служеше во храмот „Свети Три Ерарси“ во Нови Сад, пред одарот на митрополитот Иринеј. Опелото беше најавено за 12 часот, по што телото на починатиот архијереј требаше да биде погребано во криптата на Соборниот храм „Свети великомаченик Георгиј“ во Нови Сад.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img