Архоните на Вселенската патријаршија донесоа одлука отсега да го ословуваат патријархот Вартоломеј како „Вартоломеј Велики“. Иницијативата потекнува од архиепископот на Америка, Елпидофор, кој за првпат ја употребил титулата на свеченоста по повод 35-годишнината од изборот и устоличувањето на Вартоломеј.
Одлуката ја соопшти д-р Ентони Лимберакис, национален командант на Редот на свети Андреј – Архони на Вселенската патријаршија. Во официјалното соопштение од 13 ноември, објавено на веб-страницата на Архоните, тој најави дека организацијата одлучила да ја прифати новата титула како официјален начин на обраќање кон поглаварот на Вселенската патријаршија.
„Отсега, архоните ќе се обраќаат кон Неговата Сесветост како кон Вселенскиот патријарх Вартоломеј Велики“, наведува Лимберакис.
Лимберакис потсетува дека јавно ја потврдил одлуката на 7 ноември, за време на устоличувањето на митрополитот Атинагора од Њу Џерси, кога најавил дека Архоните ќе ја следат иницијативата на Елпидофор.
Во образложението на одлуката, Архоните прават историска паралела со свети Фотиј Велики, за кого наведуваат дека е единствениот претходен вселенски патријарх кој ја носел титулата „Велики“.
Како аргументи за ваквото именување се наведуваат 35-годишното раководење на Вартоломеј со Вселенската патријаршија, неговата улога во периоди на сериозни меѓуправославни несогласувања, како и одлуката од 2019 година за доделување автокефалија на Православната црква на Украина.
Архоните ги истакнуваат и неговите заложби против војната и против величањето на насилството, меѓурелигискиот дијалог и заштитата на животната средина, поради што Вартоломеј во меѓународната јавност е познат и како „Зелениот патријарх“.
Вартоломеј беше избран за вселенски патријарх на 22 октомври 1991 година и денес е патријархот со најдолг стаж во историјата на Вселенската патријаршија.
Одлуката на Архоните претставува нивна институционална одлука за начинот на ословување на Вартоломеј. Во објавеното соопштение не се наведува дека титулата е формално доделена или потврдена со одлука на Светиот синод на Вселенската патријаршија.

