Граѓаните поддржуваат соработка меѓу пртавославните, католиците и протестантите, иако не го знаат поимот екуменизам

Date:

Share post:

Повеќе од половина од граѓаните во Македонија поддржуваат дијалог и соработка меѓу православната, католичката и евангелско-методистичката црква, но истовремено мнозинството не знае што значи екуменизам. Ова го покажува истражувањето на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС), Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) и „Религија.мк“, посветено на ставовите и перцепциите на граѓаните за екуменизмот.

Според резултатите од истражувањето, спроведено на крајот на октомври 2026 година врз репрезентативен примерок од 1.120 испитаници, 54,2 отсто од граѓаните во целост или делумно го поддржуваат дијалогот и соработката меѓу трите христијански цркви.

Но, кога станува збор за познавањето на самиот поим, сликата е поинаква. Дури 68 отсто од испитаниците не знаат што значи екуменизам. Тоа укажува на значителна разлика меѓу подготвеноста на граѓаните да поддржат меѓуцрковна соработка и нивното познавање на теолошкиот и црковниот концепт врз кој таа се темели.

Дополнително, 60 отсто од граѓаните сметаат дека поголемата соработка меѓу христијанските цркви може да придонесе за подобро разбирање и соживот во општеството.

Резултатите отвораат важно прашање за присуството и разбирањето на екуменизмот во македонското општество. Иако поимот за голем дел од граѓаните е непознат, идејата за дијалог, комуникација и соработка меѓу различните христијански традиции наидува на поддршка.

Екуменизмот, во своето основно значење, претставува движење и заложба за приближување, дијалог и единство меѓу христијанските цркви, кои и покрај историските, богословските и црковните разлики, настојуваат да ги унапредат меѓусебното разбирање и соработката. Тоа не значи автоматско изедначување на учењата, ниту укинување на посебностите и црковните идентитети.

Истражувањето покажува и позитивни ставови кон припадниците на помалите христијански заедници. Така, 58,4 отсто од испитаниците би прифатиле католик како член на своето семејство, додека 51,8 отсто би прифатиле протестант.

Над 75 отсто од граѓаните имаат позитивен или донекаде позитивен став кон припадниците на другите религии, што укажува на релативно високо ниво на општествена прифатеност на верската различност.

Истражувањето на КАС, ИПИС и „Религија.мк“ е посветено на темата „Улогата на Католичката црква и Евангелско-методистичката црква: ставови и перцепции на граѓаните за екуменизмот“.

Резултатите покажуваат дека екуменскиот дијалог има поширока општествена поддршка отколку што може да се заклучи од познавањето на самиот термин. Предизвикот останува како таа поддршка да се претвори во подобро разбирање на значењето, целите и границите на меѓуцрковната соработка.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img