Македонската православна младина на Австралија (МОЈА) го одржа својот 20. јубилеен годишен младински семинар на тема „Вистинска слобода – практичен водич за надминување на искушенијата“. Собирот се одржа на 14 ноември во храмот „Св. Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн, а на него учествуваа околу 100 деца и млади, меѓу кои и членови на младински групи од други православни цркви.
Семинарот започна со Света Божествена Литургија, која главно се служеше на англиски јазик. Младите заеднички учествуваа во богослужбата и се причестија со Светите Христови Тајни.
Во воведниот дел, претседателот на МОЈА, Мартин Масалковски, ги поздрави учесниците, нагласувајќи ја важноста на пријателството и поддршката меѓу младите, особено во моментите кога се соочуваат со искушенија.
За централната тема говореа тројца предавачи. Чтецот Закари Армстронг објасни што претставува искушението и од каде произлегува, посочувајќи дека самото соочување со искушение не е грев. Отец Гаврил Галев, духовен отец на младинската организација, говореше за процесот преку кој човекот постепено му подлегнува на искушението и за значењето на неговото навремено препознавање.
Отец Климент Станковски, пак, се осврна на практичните начини за справување со искушенијата, како и на покајанието и Светата тајна Исповед како пат кон духовно исправување по падот.
По предавањата следуваа работилници во помали групи, во кои младите разгледуваа конкретни ситуации и разговараа за начините на кои би можеле да постапат кога ќе се соочат со искушенија. Притоа, имаа можност да споделат и лични искуства од својот духовен живот.
Во рамки на програмата беше организиран и квиз, на кој победи Џошуа, кој како награда доби молитвеник.
Организацијата на семинарот ја презедоа младите од МОЈА, кои се погрижија за пречекот на учесниците, работилниците и заедничкиот ручек. Средбата овозможи запознавање и дружење на младите од различни парохии и православни младински групи, со што беше потврдена и една од главните пораки на семинарот – дека молитвата, разбирањето и искреното пријателство во Христа се важна поддршка во духовниот живот.
Од МОЈА упатија благодарност до Управата на Македонската православна заедница за Мелбурн и Викторија (MOCMV) за гостопримството и поддршката во организацијата на јубилејниот семинар.














