По Самуил, во Бугарија пристигна и чесната глава на св. Климент Охридски – случајност или нова битка за наследството на Охридската Архиепископија?

Date:

Share post:

Само еден ден по официјалното предавање на останките на цар Самуил од Грција на Бугарија, во Стара Загора беше свечено пречекана чесната глава на св. Климент Охридски. Две одделни црковно-историски реликвии, две различни постапки – но и двете во ист момент завршуваат во Бугарија. Прашањето што се отвора во Скопје е дали навистина станува збор само за календарска случајност.

Во Стара Загора денеска беше свечено пречекана чесната глава на св. Климент Охридски, која во Бугарија пристигна од манастирот „Св. Јован Крстител“, во близина на Верија, кај Солун.

Светињата беше пречекана пред зградата на Обласната администрација, по што беше пренесена во литиска поворка до катедралниот храм „Св. Николај“, каде што беше отслужена празнична вечерна богослужба. Стотици верници се поклонија пред моштите.

Од 4 до 7 октомври во Стара Загора се одржуваат низа црковни чествувања, поврзани со шест годишнини на Старозагорската епархија. На 7 октомври се очекува и посетата на бугарскиот патријарх Даниил, кој ќе отслужи Света Литургија.

Моментот во кој чесната глава на св. Климент Охридски пристигнува во Бугарија е особено интересен.

Само вчера, на 3 октомври, во Солун беше извршено официјалното предавање на останките на цар Самуил од Грција на Бугарија.

Во рамки на договорениот историски и културен трансфер, Бугарија ги доби останките идентификувани како останки на Самуил, заедно со антрополошки материјал од четири саркофази од базиликата „Св. Ахил“ во Преспа. Во спротивна насока, Бугарија на Грција ѝ предаде 48 црковни реликвии, кои биле однесени во Бугарија во текот на Првата светска војна.

Бугарската држава трансферот го претстави како „историски чин на пријателство“ меѓу Бугарија и Грција.

А денеска, еден ден подоцна, во друга бугарска епархија се пречекува чесната глава на св. Климент Охридски. И тука се отвора дилемата. Колку се случајни овие совпаднувања?

Самуиловите останки и светињата поврзана со св. Климент се две различни категории и не станува збор за ист договор. Но, од македонска перспектива, невозможно е да се игнорира фактот дека во само два последователни дена во Бугарија пристигнуваат две исклучително чувствителни историски и духовни референци за Македонија и за Охридската архиепископија. Особено чувствителен е случајот со св. Климент.

Климент Охридски е една од централните личности на духовното и црковното наследство на Македонија, а Охридската Архиепископија претставува клучен дел од историскиот идентитет врз кој се повикува и денешната МПЦ-ОА.

Оттука прашањето не е дали Бугарија има право да организира поклонение пред реликвијата – туку каков историски и црковно-дипломатски контекст се создава кога вакви симболи на Охридската архиепископија сè почесто се појавуваат во бугарскиот јавен и црковен простор.

Уште посложено е прашањето ако се стави во поширок контекст на православната дипломатија. Може ли политиката на МПЦ-ОА во последниот период, особено нејзиното поизразено позиционирање кон Москва и Белград, индиректно да отвори простор БПЦ да гради посилна комуникација со Вселенската патријаршија и преку тој канал да настојува да го засили сопственото толкување на наследството на Охридската Архиепископија? Бе зразлика што овие епархии во Грција се дел од грчката држава, форламно тие се под јуриздикција на Вселенската патријаршија и секако без добар однос на БПЦ со Фанар, тешко дека можеше овие политичко-црковни маневри да бидат изведени од владите на Софија и на Атина.

Особено затоа што бугарската црковна историографија со децении го поврзува Климент Охридски со средновековната бугарска црковна традиција, а од друга страна Вселенската патријаршија вече најави дека МПЦ-ОА има намера да ја внесе во диптихот под името Охридска Архиепископија, чин по кој се засиле бугарското политичко и црековно дејствување кон Фанар. Во исто време, во македонскиот црковен и национален наратив Климент е еден од темелните столбови на Охридската духовна традиција.

Затоа, чесната глава на св. Климент не е само мошти пред кои верниците се поклонуваат. Таа е и симбол со огромна историска тежина.

Но, во време кога историското и црковното наследство повторно стануваат дел од регионалната дипломатија, прашањето е дали овие настани треба да се гледаат изолирано – или како дел од пошироко редефинирање на тоа кој денес има право да се претставува како наследник на средновековната Охридска црковна традиција.

И токму тука за МПЦ-ОА се отвора многу посериозно прашање од самото поклонение пред една реликвија: дали нејзината сегашна црковно-дипломатска ориентација остава доволно простор сама да го брани и афирмира наследството на Охридската Архиепископија – или дел од тој простор постепено го пополнуваат други православни центри?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img