Речиси 5.000 христијани убиени поради верата: 22 август потсетува на жртвите на верското насилство

Date:

Share post:

Речиси 5.000 христијани биле убиени поради својата вера во периодот опфатен со последниот извештај на „Open Doors“, додека повеќе од 388 милиони христијани во светот се соочуваат со високо ниво на прогон и дискриминација. Податоците се објавени по повод 22 август – Меѓународниот ден на ОН за сеќавање на жртвите на акти на насилство врз основа на религијата или верувањето.

Според „World Watch List 2026“, во 50 земји повеќе од 315 милиони христијани се изложени на многу високо или екстремно високо ниво на прогон. Организацијата проценува дека во светот е прогонуван приближно секој седми христијанин, а ситуацијата е уште потешка во Африка и Азија.

Бројот на регистрирани христијани убиени поради верата се зголемил од 4.476 на 4.849. Дури 4.491 од жртвите биле во субсахарска Африка.

Најголем број убиства се регистрирани во Нигерија – 3.490, наспроти 3.100 во претходниот период.

Сирија повторно меѓу најопасните земји

Особено загрижувачка е состојбата во Сирија, која од 18-то се искачила на шесто место на „World Watch List“.

Христијанските заедници во земјата, меѓу кои најбројни се православните, се соочуваат со напади, заплашување и ограничувања на верскиот живот.

Во јуни 2025 година, самоубиствен напаѓач ја нападна грчката православна црква „Свети Илија“ во Дамаск. Загинаа 22 христијани, а 63 беа повредени. Сириските власти нападот го припишаа на ќелија на Исламската држава.

Во Хама вооружени лица нападнале објекти на Грчката православна архиепископија, при што биле уништени црковен имот и верски симболи, а биле осквернавени и гробови на христијанските гробишта.

Последиците не се само материјални. По нападите, дел од христијаните престанале да одат во црква од страв од ново насилство, додека некои почнале да ги кријат христијанските симболи и да избегнуваат јавно да ја покажуваат својата вера.

Според „Open Doors“, во Сирија денес останале околу 300.000 христијани, додека во 2015 година нивниот број бил околу 1,1 милион.

Во периодот опфатен со извештајот, 224.129 христијани биле принудени да ги напуштат своите домови, да се преселат на друго место во својата земја или да избегаат во странство.

Во некои земји притисокот се манифестира преку затворање цркви и ограничување на верскиот живот.

Во Алжир, според извештајот, 47 цркви биле затворени во последните години, а повеќе од 75 проценти од христијаните го изгубиле пристапот до организиран црковен живот.

Во Кина, пак, построгите правила ги принудуваат многу нерегистрирани христијански заедници да се организираат во мали, тајни собири.

Северна Кореја повторно на врвот

Северна Кореја повторно е прва на листата на „Open Doors“, со 97 од можни 100 поени.

Следуваат Сомалија, Јемен, Судан, Еритреја, Сирија, Нигерија, Пакистан, Либија и Иран.

Станува збор за земји во кои христијаните се соочуваат со различни форми на притисок – од дискриминација и ограничување на богослужбата, до затворање, насилство и убиства.

ОН: Тероризмот не смее да се поврзува со религијата

Меѓународниот ден што се одбележува на 22 август беше воспоставен од Генералното собрание на ОН како потсетување на жртвите на насилство врз основа на религијата или верувањето.

ОН ги осудуваат насилството, тероризмот и насилниот екстремизам извршени во име на религијата и нагласуваат дека тероризмот не смее да се припишува на која било религија, националност, цивилизација или етничка група.

Но, податоците на „Open Doors“ покажуваат дека верскиот прогон не е само прашање на статистика. Зад бројките стојат илјадници убиени луѓе, семејства кои ги напуштиле домовите и заедници кои постепено исчезнуваат од местата каде што со векови живееле.

Извештајот „World Watch List 2026“ го опфаќа периодот од 1 октомври 2024 до 30 септември 2025 година.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img