По изјавата на Вучиќ и реакциите – дали Томосот на СПЦ е клучниот фактор за нејзино присуство во црковниот простор на Македонија?

Date:

Share post:

Дали Српската православна црква постои во Македонија и денес – не само историски, туку и во смисла на нејзиниот однос кон црковната територија и имотот? Ова прашање повторно се отвори по неодамнешната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Српската православна црква е „една и иста“ насекаде, при што тој ја спомена и Македонија.

Како што анализира дневниот весник „Вечер“, дилемата е особено значајна ако се има предвид содржината на томосот што Српската православна црква ѝ го издаде на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во 2022 година.

Од една страна, денес во Македонија единствената православна црква која фактички ја врши пастирската мисија е МПЦ-ОА. Таа има свои епархии, архиереи, свештенство и верници и ја врши својата мисија на територијата на државата, пишува дневнот весник Вечер.

-Увидот во издадениот томос покажува дека СПЦ, сепак, има свое присуство во Македонија, односно дека нејзиниот однос кон МПЦ-ОА, сепак, не е однос меѓу две целосно суверени, независни и самостојни цркви. Така, во една од одредбите на издадениот томос сосема недвосмислено се наведува дека територијата на која делува Македонската црква ѝ припаѓа на СПЦ и дека е отстапена таа „на користење“.

– Светите храмови и манастири, особено светилиштата од времето на Немањиќи и подоцнежниот период на српското присуство, црковното градење и културното творештво на територијата на денешна Северна Македонија, како и вкупниот движен и недвижен имот на СПЦ, во нејзините граници, ѝ се даваат на користење на новата автокефална сестринска црква – се наведува во актот.

Врзано со ова, во периодот кога српскиот патријарх, Порфириј, и македонскиот архиепископ, г. г. Стефан, го објавија документот, македонските владици објаснуваа дека тие не можеле да влијаат на она што ќе го наведе српската страна во томосот. Но, дека реалноста во Македонија е таква што имотите на МПЦ-ОА се во нејзина правна сопственост, за што постојат уредни катастарски документи. Сепак, ова не ги попречи изјавите од српска страна со кои, одвреме-навреме, постојано се потсетува дека имотот во Македонија е на Српската православна црква.

– Со решението, овие српски светилишта, како и друг српски недвижен и движен црковно-културен имот, oстануваат во составот на Српската православна црква. Тие се само предадени на користење – изјави во тој период влијателниот српски историчар, Александар Раковиќ, кој е мошне близок до српските црковни структури.

Паралелно со ова, на српската државна телевизија РТС досега се емитувани повеќе документарни емисии во кои најголем дел од манастирите на МПЦ-ОА се прикажуваат како српско духовно наследство. Такви, на пример, беа документарните филмови за Лесновскиот манастир и за црквата „Свети Ѓорги“ во Старо Нагоричане, кои се придружени со нарацијата за вековно српско присуство на овие простори, за стара Србија, за ктиторите што ги граделе овие манастири. Истовремено, се потсетува дека овие „српски задужбини“ се оставени на заборав.

Практично, потсетувањата дека постои „една и иста“ СПЦ и во Македонија се периодични, но и постојани. Односно, дека е присутна таа преку својот имот, кој ѝ е само отстапен на користење на Црквата која сè уште не го заокружила процесот на својата автокефалност и околу кој има голема неизвесност. Сето тоа води кон потребата македонските владици многу појасно и покатегорично отколку досега да се определат во однос на тој дел од томосот што го добиле од црковен Белград. Од причина што една целосно автокефална црква е своја на своето, со свои верници и со своја дијацеза во своја сопственост, пишува дневниот весник Вечер.

Целата анализа на Вечер прочитајте ја ОВДЕ.

2 COMMENTS

  1. “Убавицата” (Православието) и “Ѕверот” (силните од овој свет) останаа во истата приказна… ? Колку задужбините на српските владетели се навистина српско црковно-културно наследство е прашање за кое може добро да се расправа и од црковно-уметнички аспект. Не се идентични стиловите во српките средновековни храмови и во македонските. Но, да го оставиме тоа. Ктиторството по дефиниција не подразбира право на ниеден вид на владеење со даруваниот црковен имот. Авторството над ваков вид артефакти па ич! Фрескописецот ќе ја живописа црквата, ќе го исплатат според договорот и тука завршува неговото право над тој имот. За писателите и композиторите е уште потешко: писателите можат да наплатат авторски права од нивните уметнички творби (ако имаат среќа) до три семејни генерации. Потоа нивното дело останува универзално културно наследство: им припаѓа на сите! Секој може да го користи, да го преведува, да го цитира, да го преработува итн. како што ќе посака. Во малтешката духовна култура постои еден куриозитет: душите на уметниците таму не симболично туку буквално се сметаат за проститутки, затоа што изнесуваат од содржината на своите срца за да задоволат секого кој ќе посака да се насладува со неа. Таму проституцијата не се ни санкционира. Но во малтешкиот хабитус не е мудро да ја откриваш својата внатрешност пред очите на светот. Малтежаните воопшто се народ со неверојатно скриено знаење и со непогрешлива дејствителна мудрост. Не влегуваат лесно во заедничарење и ако влезат тоа го прават со неверојатен интегритет. Без празни муабети.

    Може да звучи вулгарно, но гордоста на српскиот народ поврзана со српските средновековни монарси и нивните задужбини изгледа по малку и комично. Вратете си ги тие монархии на власт, ако веќе биле толку добри нивните аристократски лози, ако веќе толку многу ви се допаѓаат нивните дела и практики, воздигнете ги во својата земја, ама воздигнете ги конкретно, дајте им престол на нивните наследници, направете ги врховна власт, а потоа барајте од останатите да го почитуваат тој престол на истиот начин. Македонскиот народ и држава покажуваат почит кон нив колку што прилега: ни помалку ни повеќе.
    Што се однесува до црковните храмови чии ктитори биле на оваа територија, јасно е дека биле дел од севкупната практика на владеење на територијата на Македонија. Веројатно се надевале да остават и зад себе достоен спомен меѓу живите, а ги сметале и за своја попатнина кон вечноста, но знаеле дека не можат да си ги однесат во гроб. Современите Срби исто така не можат на ниеден начин да ги преместат тие храмови во Србија. Ниту некој може да им дозволи да полагаат право на тоа црковно-културно наследство. Може да си изградат нивни реплики на територијата на Србија и не верувам дека некој во тоа би ги попречил, ако сметаат дека така ќе внесат додадена вредност за духовниот простор достапен на нивното православно Стадо.
    Но, кога ќе изгубите една територија што сте ја владееле, ги губите културно-историските споменици што сте ги подигнале во неа. Може да ви е криво, да бидете навредени, да изразувате негодување, да упатувате протестни ноти итн. ако некој ги уништува, ги бесчести, ги преименува итн., но ништо подалеку од тоа. Знаете дека во Македонија не се случувало ниту се случува такво бесчестење и непочитување. Но не можете да го претворате Томосот за автокефалност доделен од страна на Српската Православна Црква во тројански коњ. Ако навистина ви се разбудиле империјалните соништа од минатото, жално и за вас и за нас. Христос и онака одамна е за жалење меѓу православните народи. Православието ја чува чистотата на верата во поглед на личното духовно восовршување на поединецот, но црковната соборност никако да ја посведочи чисто и во полнота. Вакви суети, такви суети … и на крајот ќе се сликаат какви што навистина се. Конкретниот мистичен живот останува, како и секогаш, во душите на скриените подвижници.

  2. Не лажете го народот, СПЦ не е присутна во Северна Македонија преку некаков си имот кој е предаден на користење, туку со самиот факт што МПЦ-ОА е автономна црква во рамките на СПЦ уште од 2022 г.!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img