Мицкоски за Вучиќ: Не сакам да коментирам изјави кои наликуваат на изблици од минатиот век

Date:

Share post:

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска одби да ја коментира изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ за присуството на Српската православна црква во Македонија, оценувајќи ја како несоодветна.

Вучиќ неодамна изјави дека „Српската православна црква е иста и во Скопје и во другите градови низ светот“, што предизвика реакција во Македонија.

Мицкоски не сакаше подетално да го коментира ставот на српскиот претседател, но порача дека за него Македонската православна црква – Охридска архиепископија е неразделен дел од македонскиот идентитет.

„За мене лично МПЦ-ОА Јустинијана Прима е нешто кое е најсветол дел од македонскиот православен идентитет. Се разбира, ние имаме и Македонци кои се од друга вероисповед, но како столб на македонскиот идентитет МПЦ е нешто над сè, за мене како човек“, изјави Мицкоски за време на престојот во скопската општина Кисела Вода.

Тој додаде дека нема намера да навлегува во јавна полемика со Вучиќ.

„Таков тип на изјава ниту имам намера да коментирам ниту би сакал да навлегувам во каква било дневна комуникација со изблици на нешто кое повеќе прилега на минатиот век, а не на 21 век“, рече македонскиот премиер.

Во меѓувреме, со реакција се огласи и МПЦ-ОА. Од Црквата порачаа дека таа ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија, без оглед на нивната национална, политичка, културна или етничка припадност.

„МПЦ-ОА својата духовна и пастирска мисија ја остварува кон сите православни христијани на својата канонска територија, без каква било условеност од нивната национална, политичка, културна или етничка припадност“, соопшти МПЦ-ОА.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img