Елведин Пезиќ, исламскиот проповедник од Босна и Херцеговина кој минатата година одржа верски настани во Струга и Октиси, е протеран од Косово откако на 13 август бил приведен непосредно пред планирана промоција на книга во Витомирица кај Пеќ. Пезиќ со години привлекува внимание со крајно конзервативни ставови за положбата на жените, меѓу кои и јавно објаснување дека мажот во одредени околности може да ја удри сопругата. Косовските власти досега јавно не ја соопштија конкретната причина поради која бил протеран.
Проверката на неговите претходни активности потврдува дека Пезиќ навистина гостувал во струшкиот регион.
На 8 август 2025 година, во организација на Фондацијата „Зеќат“, Пезиќ бил најавен како предавач на два настани. Првиот бил хутба во Долна џамија во Октиси, а истиот ден во 21 часот била организирана јавна трибина во спортската сала „Тими“ во Струга. Настанот бил најавуван и преку неговите профили на социјалните мрежи со повик до граѓаните да присуствуваат. На интернет е достапна и снимка од негово предавање во Долна џамија во Октиси, Струга.
Пезиќ не е имам на конкретна џамија, туку независен исламски проповедник и верски предавач со голема публика на интернет. Организаторот на неговиот неодржан настан на Косово, Реџо Којиќ, за медиумите изјавил дека Пезиќ не е имам во ниту една џамија. Радио Слободна Европа го опишува како еден од конзервативните проповедници кои себеси се определуваат како салафии.
Роден е во 1977 година во Травник, а образование стекнувал во Обединетите Арапски Емирати, Јордан и на Исламскиот универзитет во Медина. Во 2023 година на Факултетот за исламски студии во Нови Пазар одбранил докторска дисертација поврзана со електронската трговија и мрежниот маркетинг од аспект на исламското право. Со години е активен преку предавања, книги и социјални мрежи, каде има стотици илјади следбеници.
Особено остри реакции во јавноста предизвикаа неговите ставови за жените.
Во видео објавено на интернет, Пезиќ зборува за ситуација во која маж може да ја удри сопругата и тоа го опишува како трета „воспитна метода“, откако претходно, според неговото толкување, не успеале разговорот и ускратувањето интимност. Тој објаснува дека ударот не треба да биде во лице, да не остава модринки и да не остава видливи траги. Снимката и неговите повторени објави на оваа тема предизвикаа силни реакции во Босна и Херцеговина.
Пезиќ предизвика полемики и со ставот дека западното општество морално се урнало кога жената излегла од домот и станала, како што тој формулирал, нешто друго освен мајка. Во други свои објави зборувал и за ограничувања во начинот на кој жените треба да се облекуваат и да се појавуваат во јавност.
На Косово, Пезиќ бил приведен на 13 август пред настанот во Витомирица. Планирал да одржи уште две трибини, во регионот на Исток и во Призрен. На 14 август бил протеран и преку граничен премин со Црна Гора ја напуштил територијата на Косово.
Исламската заедница на Косово соопштила дека не била информирана за неговото доаѓање и дека не дала дозвола или согласност за неговите верски активности. Од институцијата нагласиле дека секоја верска активност во верски или други простории треба да има одобрение од надлежната верска заедница.
Сепак, точната правна основа по која Пезиќ бил протеран останува непозната. Радио Слободна Европа повеќепати побарало објаснување од косовската полиција, но до објавувањето не добило одговор. Затоа тврдењата на дел од медиумите дека бил протеран конкретно поради ширење одредена идеологија засега не можат да се третираат како официјално потврдена причина.
/racin.mk

