Повеќе од една третина од граѓаните на Русија, односно 37 отсто, сметаат дека религијата има важна улога во нивниот живот, покажуваат резултатите од истражување на ВЦИОМ, објавени од „РИА Новости“.
Според податоците, Русите најчесто се информираат за религијата преку разговори со роднини и пријатели – 28 отсто, преку вести – 26 отсто, и преку социјалните мрежи – 18 отсто.
Истовремено, 61 отсто од анкетираните сметаат дека учеството во богослужба преку интернет не може да го даде истото чувство на духовна заедница како личното присуство во храмот. Дека онлајн богослужбите можат да го дадат истото чувство сметаат 20 отсто од испитаниците.
Во последните две до три години, 11 отсто од Русите гледале видеа или слушале подкасти со религиозни личности, 9 отсто следеле директни преноси од верски настани, а исто толкав процент барале информации за религијата.
Истражувањето на ВЦИОМ е спроведено на 26 јули, преку телефонска анкета на 1.600 полнолетни граѓани на Русија. Максималната статистичка грешка со веројатност од 95 отсто не надминува 2,5 отсто.

