Светиот и Свештен Синод на Ерусалимската патријаршија, со кој претседаваше патријархот Теофил III, на седницата одржана на 13 август во Ерусалим, посвети дел од своите разговори на состојбите и случувањата во Православната црква во светот, нагласувајќи ја црковната одговорност и историската мисија на Ерусалимската патријаршија.
На седницата биле разгледани административни, црковни и пастирски прашања поврзани со животот на Патријаршијата, но и „развојот што се однесува на Православната црква низ светот“.
Во соопштението по седницата се наведува дека Светиот Синод ја потврдил својата посветеност на црковната одговорност, пастирската верност и историската мисија на Ерусалимската црква во Светата земја и во целиот православен свет.
Особено внимание привлекува делот посветен на неодамнешните меѓуцрковни контакти на патријархот Теофил III.
Патријархот пред членовите на Синодот известил за неговата неодамнешна официјална посета на САД и средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, како и за средбите и разговорите реализирани за време на посетата.
Тој ги информирал архијереите и за официјалната посета на Грција и разговорите што се однесувале на мисијата, позицијата и одговорностите на Ерусалимската патријаршија.
Посебно место во извештајот има и посетата на патријархот Теофил на Вселенската патријаршија и неговата братска средба со Вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Според соопштението, двајцата патријарси разговарале за животот на Православната црква и за предизвиците со кои се соочува христијанското присуство во Светата земја и поширокиот регион.
Од Ерусалимската патријаршија оценуваат дека средбите придонеле за зајакнување на врските на црковното општење, љубов и соработка, како и за мисијата на Црквата во полза на мирот, единството и заштитата на светите места.
Синодот во исто време повторно ја нагласил историската улога на Ерусалимската патријаршија во православниот свет, особено во Светата земја, каде што Црквата се соочува со исклучително тешки околности.
Патријархот Теофил известил и за својата пастирска посета на Појасот Газа, каде што се сретнал со верниците од парохијата „Свети Порфириј“, им се придружил во молитва и, како што се наведува, им понудил утеха и надеж во Христа.
Подготовки за 2.000 години од Христовото крштевање
Ерусалимскиот Синод разговарал и за подготовките за одбележувањето во 2030 година на 2.000-годишнината од Крштението на Исус Христос на местото на Крштевањето на реката Јордан.
Архијереите ја поздравиле иницијативата на црквите и поддршката од јорданскиот крал Абдула II, кој е хашемитски покровител на исламските и христијанските свети места.
Во овој контекст патријархот Теофил ја истакнал и важноста на отворањето на Меѓународниот православен универзитет на местото на Христовото Крштевање, кој според Патријаршијата треба да биде место за дијалог, знаење и средба меѓу цркви, народи и култури.
Повик за мир и православно единство
На крајот од заседанието, патријархот Теофил III и членовите на Синодот се помолиле за мир во Светата земја, на Блискиот Исток и во светот, како и за зацврстување на Црквата и благосостојба на народите.
Иако соопштението не наведува конкретни одлуки за актуелните спорови и поделби во православниот свет, фактот што состојбите во светското православие се најдоа на дневен ред, а особено што се истакнати контактите меѓу Ерусалимската и Вселенската патријаршија, е значаен од аспект на меѓуправославните односи.

