Раѓањето на свети Јован Крстител е почеток на преминот помеѓу старозаветното и новозаветното свештенство, премин кој, преку Божјиот Домострој на нашето спасение, завршува со Светата Педесетница
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Целата свештена историја и сите случувања, пред и за време на раѓањето на свети Јован Крстител, се икона на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, како и икона на преминот од првиот во вториот степен на духовниот развој – дарот на умно-срдечната молитва и просветленоста на умот; откровение на царското, новозаветно и есхатолошко свештенство.
Видете како Светиот Дух Господ сведочи за родителите Јованови, татко му – свештеникот Захариј, и мајка му Елисавета, во Светото Евангелие: „И обајцата беа праведни пред Бог, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови – без погрешка. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари“ (Лука 1, 6–7).
Видовте ли, деца, ова мора да го повториме и запаметиме: постапувале според сите заповеди и повелби Господови, без погрешка! И тоа, континуирано – во многу долг временски период; нам за сведоштво – да не бидеме малодушни во подвигот.
Ова ни е сведоштво дека, и покрај нивната голема и неостварена желба за која Го молеле Господ – да добијат дете, тие не го напуштиле својот подвиг пред Бог, иако обајцата биле веќе стари, па дури и со изгубена надеж во врска со остварувањето на нивната желба.
Нивниот подвиг ни го открива нивниот личен однос кон Бог – како однос на чеда Божји, слободен и љубовен. Бесплодно е да се држи самиот закон – оти така требало, или од страв или интерес. Заповедите Божји ги исполнуваме поради градење на личен однос и заедница со Бог, барајќи Го само и единствено Него, а не поради некои од Неговите добра.
Захариј и Елисавета постапуваат според сите заповеди и повелби Господови, ама на крајот – дарот е само Божји: „Не бој се, Захариј, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован“ (Лука 1, 13).
Вториот степен од духовниот развој – просветлувањето на умот, е внатрешно духовно покритие на светата Тајна Свештенство; свештеникот пред да застане телесно пред олтарот, треба да застане со умот пред олтарот на своето срце. Раѓањето на свети Јован Крстител е почеток на преминот помеѓу старозаветното и новозаветното свештенство, премин кој, преку Божјиот Домострој на нашето спасение, завршува со Светата Педесетница.
Затоа свети Јован Крстител е и икона и објавител на тајната на новозаветното, есхатолошко и царско свештенство, а крај на старозаветното: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли доаѓаш?” (Матеј 3, 14). Зборови што значат токму ова: „И удостој ме, преку мене – недостојниот и грешен Твој слуга, да Ти бидат принесени овие Дарови, зашто Ти Си Тој Кој принесува и Се принесува, Кој прима и Кој Се раздава, Христе Боже наш…“
Деца, има уште многу да се пишува за тајната на царското свештенство што единствено и останува во Царството Небесно и преку кое целиот Домострој на спасението делува во овој свет и век, ама поарно е сѐ понатаму да ни биде откриено преку наш личен подвиг на покајание и плач што, според словото на свети Јован, е и подготовка на патот за доаѓањето и за средбата со нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос.

