Да бидеме достојни наследници на верата и ревноста на светите Кирил и Методиј, кои за нас, и за сите словенски народи, се од огромно значење, порача денеска македонскиот архиепископ г. г. Стефан. Тој се обрати на свеченото отворање на „Третите Кирило-Методиеви научни средби“ во организација на Институтот за национална историја и Православниот-богословски факултет „Св. Климент Охридски“. Ова е трета година по ред како се организираат научните средби со цел да се продлабочат научните сознанија за кирилометодиевското наследство и неговото суштинско значење во историската меморија на македонскиот и на останатите словенски народи.
Според поглаварот на МПЦ-ОА, овие средби во спомен на рамноапостолите и светите браќа Кирил и Методиј се доказ и показ дека и нашата света црква и нашите образовни институции го чуваат споменот на нив.
– Црквата се сеќава на двете велики светила кои со целиот свој живот одговориле на Христовата повелба: „Одете и научете ги сите народи. Благодарение на нивното дело, словенските народи добиле можност да слушнат за Бога на својот јазик и да му се молат на тој свој јазик. Иако можеле да водат спокоен и мирен живот, тие свесно избрале да тргнат по патот исполнет со труд и страдања. Но, светите браќа ја оставиле удобноста за да им служат на народите кои копнееле по Божјото слово. Кога почнале со објавување на преводите на богослужбените книги, тие биле свесни каква одговорна задача им претстои. Тие биле свесни дека преку словото, човекот влегува во заедница со Бога. Да му се даде на еден народ писмо и богослужение на разбирлив јазик, значи да му се отвори патот кон полното учество во животот на Светата Црква. Тоа е дело со огромно духовно значење, како за нашата МПЦ така и за целата словенска историја и култура. Од нивниот подвиг се родила богата духовна традиција што ги одликувала словенските народи, нивната молитва, книжевност и историска свест – нагласи архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан.
Тој додаде дека по нивното упокојување, делото го продолжиле нивните ученици и со што словенските народи влегле во големото христијанско семејство и станале носители на жива духовна култура.
– Најголемата почит кон нив се изразува преку продолжувањето на нивниот дух и на нивната верност. А што значи тоа во наше време? Тоа значи дека и ние сме повикани да ги оставиме себељубието и рамнодушноста во овој наш свет исполнет со неизвесност, поделби и духовна уморност. Денес можеби не создаваме азбуки, но сме повикани да го испишуваме Христовото име преку добрина, вера, молитвите. Затоа, додека ги чествуваме овие светители за нас, Македонците, како и за сите други словенски народи, да се прашаме: Дали ние сме подготвени да жртвуваме нешто за Евангелието? Дали сме подготвени да сведочиме за Христа и тогаш кога тоа бара одрекнување и храброст? Дали сме подготвени да бидеме продолжувачи на нивното дело и во нашето време? Нека молитвите на светите Кирил и Методиј ни дадат сила да бидеме достојни наследници на нивната вера, нивната ревност и жртвена љубов. Така нивното дело ќе продолжи да живее како светлина што ги просветлува и сегашноста и иднината – нагласи поглаварот на МПЦ-ОА.
Директорот на Институтот за национална историја, Митко Панов, фактот што токму од Македонија се ширела светлината на словенската писменост и христијанска просвета нè обврзува постојано да го откриваме, истражуваме и научно да го валоризираме капиталното дело на нашите сесловенски просветители.
– Македонија не претставува само географски простор во кој се развивало кирилометодиевското дело туку и негово духовно и културно извориште. Произлегувајќи од македонскиот културно-историски реон, светите браќа недвосмислено ја афирмирале својата просветителска и мисионерска визија од јазичниот, духовниот и културниот хабитус на македонските Словени – рече тој.
Панов додаде дека делото на свети Климент Охридски и на останатите ученици на светите браќа останува клучно сведоштво дека кирилометодиевска традиција во Македонија не само што била продолжена туку и творечки развиена, продлабочена и синтетизирана во посебен духовен и книжевен израз.
– Наследството на светите браќа, на свети Климент Охридски и на другите, станува неразделно од Македонија, сочувано, негувано и одржувано од народот по црквите, манастирите, ракописите афирмирајќи го правото на народите на сопствен богослужбен јазик. Светите Кирил и Методиј ги воспоставиле принципите на рамноправност на културниот, духовниот и на идентитетскиот израз. Тоа е онтолошка втемеленост заснована на научните аргументи што сведочат дека кирилометодиевската традиција не е апстрактна идеја или некаков политички конструкт туку органски вградена во самото битие на македонскиот народ. Нашето духовно и културно постоење со векови се дефинирало и развивало преку овој израз што го прави македонскиот континуум дел од европската култура и историска реалност – нагласи Панов.
Ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, укажа дека секое ново навраќање на делото на светите Кирил и Методиј отвора нови сознанија за нивното дело.
– Тоа не старее со времето и постојано добива нова смисла. Во македонската духовна свест, постојано се чувствува присуството на светите браќа како дел од темелите врз основа на кои се обликувале нашиот јазик, писменоста и чувство за припадност. Нивното дело одамна ги надминало границите на времето во кое живееле тие – нагласи Ангелова.
/Вечер Прес
