По „јубилејот“ – дали доаѓа вистинска промена во Новозеландската епархија или само сенка на разрешениот владика Петар?

Date:

Share post:

По повод медиумските најави во изминатите денови и веќе донесената одлука за „промени“ во Новозеландската епархија – по ваквиот избор навистина треба да се запрашаме дали започнува ново поглавје или само се добива ново лице на старата приказна?

Пишува: Кире  Циревски

По информациите што подолго време циркулираа во јавноста, а кои сега веќе добиваат и конкретна форма, во Австралиско-новозеландската црковна реалност (која не знам зошто се нарекува и новозеландска, кога таму нема наша црква) се  дојде до значаен чекор: конечно е разрешен владиката Петар, но  е  извршен и незабележителен избор на неговиот помошник епископот Никола за негов наследник (чунки епархиите се сопственост на митрополитот, тоа како новост почна да биде пракса изминатиот период, синодот да исполнува желби за наследство). Со тоа, прашањето што долго време се поставуваше – дали ќе има промени – сега се трансформира во ново, уште посуштинско прашање: ваков екстпресен избор, верувам дека истиот е направен без консултации со народот, и зошто доколку се сакаше да се постигне обединување не се даде и оваа епархија на Поглаварот Г. Стефан да ја администрира извесен период до изборот на еден епископ или пак кога веќе избраа владика за едниот дел, не избраа и за Сиднејската? Затоа за нашиот народ тука во оправдано се прашува дали оваа одлука претставува вистински пресврт, или само формална реорганизација без суштинска промена.

По три децении исполнети со поделби, судски спорови и институционални конфликти, верниците очекуваат вистинско обновување. Но истовремено се појавуваат сериозни дилеми дали ваквиот чекор, особено ако се однесува само на едниот дел од епархијата, може да доведе до нова рамнотежа или, напротив, да отвори нови тензии.

Пред околу еден месец пишував за т.н. одбележување на триесетгодишниот „јубилеј“ (од денешен аспект организиран банкет за збогум, ама без гости) на Петар во Австралија. Во текстот „Јубилеј во сенка на поделби, судови и разорена заедница“ укажав дека зад реториката за свеченост и заслуги стои една поинаква реалност – реалност на поделби, судски процеси, празни храмови и длабоки конфликти кои со години ја следат македонската црковна заедница во Австралија.

За многумина, вклучително и од моја перспектива како Македонец, верник и долгогодишен набљудувач на овие процеси, тој „јубилеј“ повеќе личеше на симбол на една ера обележана со институционална криза, отколку на повод за вистинска духовна радост.

Во рамките на одбележувањето на јубилејот за среќа за последен пат беше одржана и беседа во која славеникот Петар направи ретроспектива на својата триесетгодишна служба. Наместо порака на помирување, во значителен дел од говорот доминираа остри квалификации кон оние кои во изминатите години поставувале прашања или имале поинакво мислење.

Критичарите беа опишани како луѓе кои „се именуваат верници, а по животот и постапките – неверници“, што кај дел од верниците беше доживеано не како пастирска грижа, туку како етикетирање.

Наместо атмосфера на духовно смирување во тие последни денови од неговиот престој и администрирање, тој залудно се трудеше се создаде вештачки и лажен впечаток дека изминатите три децении се претставуваат како успешна приказна за воспоставување ред. Но реалноста што ја живее дијаспората зборува поинаку – за период на поделби, паралелни структури и нарушена доверба.

Во тие мигови беше нагласувана и блискоста со Антиохиската епархија во Австралија, преку посета. Посетите беа претставени како значаен успех и честитки, но реалноста е посложена. Под јурисдикција на Антиохиската црква со години функционира заедница составена од македонски иселеници, кои и покрај јавното изразување на блискост, тие остануваат надвор од јурисдикцијата на МПЦ-ОА. Овој парадокс само ја потврдува длабочината на поделбите.

Поделбите и судовите ја одбележаа ерата на владиката Петар, која  ќе биде запаметена како најцрната етапа во македонската дијаспора, и тоа ништо не може да го испере.

Сега кога тој веќе е разрешен, но сигурно со мислите се уште е тука присустен и добро информирн од неговите, се прашуваме имотите кои се запишани на негово име како ќе се префрлат на МПЦ. Од новиот митрополит се очекува транспарентност, и да излезе со информации во јавноста за состојбите во Новозеландската епархија, кои досега беа чувани во строга тајност од очите на јавноста и предизвикуваа контроверзии околу управувањето со црковните имоти.

Во меѓувреме, изборот на епископот Никола отвори ново поглавје, но и нови прашања. Тој несомнено е близок соработник и човек на владиката Петар, што кај дел од верниците создава впечаток дека влијанието на досегашното раководство би можело да продолжи, макар и индиректно, со што обединувањето уште на почеток е невозможно заради синодското избрзување со избор на човек на Петар.

Овој впечаток дополнително се засилува и од самото синодско соопштение, во кое се вели дека Светиот Синод „го усвоил предлогот на митрополитот Петар за назначување на нов Митрополит на Австралиско-новозеландската епархија“. Ваквата формулација отвора суштинска дилема: дали навистина станува збор за избор во полна смисла на зборот, или за потврдување на веќе предложено решение од страна на досегашниот администратор. Ваквите избори повеќе наликуваат на претходно папско решение и всушност ова решение беше јавна тајна, а можеби и услов за да биде разрешен Петар, на „негово“ барање. И сето тоа ни се продава како некој избор.

Со други зборови, кај дел од верниците се создава впечаток дека наместо процес на поширок избор и разгледување на повеќе можности, се работи за прифаќање на кандидат кој доаѓа од истиот круг на раководење. Токму тоа ја засилува перцепцијата дека промената може да биде повеќе формална отколку суштинска, заради тоа што и новиот митрополит, како и другите епископи не можат да се спротистават и да надметнат свое мислење пред владиката Петар.

Во однос на кандидатот читајќи ја неговата биографија во очи паѓа што тој практично и нема некое богословско образование и некое големо искуство како владика. Магистратурата на Теолошкиот факултет во Софија му се смета како доволна. Но како што прочитав на еден портал, Австралија не е Мариово. Тука се бара пред се активност, од него ќе се бараат кадрови промени на оние свештеници кои правеа проблеми и го навредуваа верниот народ изминатиот период и од сите тие постапки ќе се види дали тој раководи или некој од позадина.

Но најчувствителното прашање во моментот е друго: дали изборот на владика само за едниот дел од епархијата претставува чекор кон решение или ризик од нова поделба?

Во услови кога заедницата со години се обидува да ги надмине старите рани, ваквиот асиметричен пристап се доживува како нерамноправен третман. Меѓу верниците сè почесто се поставува прашањето – дали е можно еден дел од заедницата да добие свој духовен водач, а другиот да остане во неизвесност?

Токму затоа, како реален и долгорочно здрав модел, сè почесто се истакнува потребата од најбрз избор на владика и за Сиднејската епархија со цел да не се создава нова поделба. Двајцата епископи треба да си подадат рака, а преку нивно сослужение да се покаже силен знак на единство. Таквиот чин би имал не само симболично, туку и суштинско значење.

Во спротивно, постои реална опасност оваа одлука и во иднина да се доживува како снесено „кукавичко јајце“ – формална промена што суштински не носи новитет, туку продолжување на истиот модел на управување – односно, како што народот вели: „се симна Курто, се качи Мурто“.

Се поставува и уште едно важно прашање: дали решенијата  за избор на епископ треба да се бараат преку нови луѓе однадвор или преку оние кои веќе ја познаваат реалноста на дијаспората и со години живеат и служат во неа и ја уживаат полната доверба на народот?

Како Македонец, верник и внимателен набљудувач на овие процеси, останувам на ставот дека на заедницата не ѝ се потребни само кадровски промени, кои ќе значат само еден глас повеќе на некоја страна во Синодот, туку кои ќе донесат вистинско духовно и институционално обновување, кое не се достигнува без дијалог.

Во наредниот период ќе стане појасно дали овој избор ќе означи почеток на нова ера или ќе остане само продолжение на една веќе добро позната приказна, која нажалост нема добар крај.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here