Во Швајцарија се појави „Црква за фармери“ прилагодена на ритамот на земјоделскиот живот

Date:

Share post:

Нова форма на црковна заедница наменета специјално за земјоделците се развива во источна Швајцарија, прилагодувајќи ги времето и форматот на богослужбите на ритамот на земјоделскиот живот.

Иницијативата, наречена „Puure-Church“ – што на швајцарски германски значи „Црква за фармери“ – започнала во 2019 година во долината на Рајна во кантон Санкт Гален.

Целта на проектот била да се реши практичниот проблем со кој се соочуваат многу земјоделци: тие често не можат да присуствуваат на традиционалните неделни богослужби наутро поради обврските со добитокот и работата на фармата.

„Кога црковните ѕвона бијат во 9:30 часот, многу фармери сè уште ја завршуваат работата во шталата или дури тогаш се подготвуваат за денот,“ изјавил фармерот Ернст Лајбундгут од Алтштетен, еден од основачите на иницијативата.

Тој објаснил дека богослужбите се одржуваат во 11:30 часот, што им овозможува на земјоделците да завршат со утринските обврски. За време на средбите се обезбедува и грижа за децата, а присутните имаат можност и за заеднички оброк.

Проектот го започнале Лајбундгут, неговата сопруга Корина и уште два брачни пара. Нивната намера била христијанската вера да се поврзе со секојдневниот живот на земјоделските семејства, чие работно време и социјална динамика се значително различни од урбаните професии.

„Кога сте фармер, животот го доживувате поинаку. Работите во текот на целата година, понекогаш и 24 часа дневно, седум дена во неделата,“ објаснил Лајбундгут.

Средбите се одржуваат секоја трета недела и собираат меѓу 40 и 80 учесници од различни делови на регионот, меѓу кои долината на Рајна, Верденберг, Тогенбург и Апенцел. Меѓу присутните има и млади семејства и постари лица.

Собирите се организираат во достапни заеднички простори, како што е работилница во местото Рити.

„Puure-Church“ функционира во соработка со локалните реформаторски парохии, a  Иницијативата се финансира преку доброволни донации и ја води интерденоминациски тим.

На средбите учествуваат верници од различни христијански традиции – реформаторска, католичка и евангелска – како и луѓе без формална црковна припадност. Организаторите ја опишуваат „Црквата за фармери“ како отворен простор за вера, кој не е строго ограничен од деноминациски рамки.

На една од неодамнешните средби, независната пасторка и едукаторка Барбара Бојш говорела за животот на Никлаус фон Флуе – швајцарски фармер од XV век, татко на десет деца, кој на 50-годишна возраст го напуштил семејниот живот за да живее како пустиник посветен на Бога.

По предавањето, учесниците разговарале за неговата одлука и за тоа како верата може да се живее и одржува во услови на напорниот секојдневен живот на фармата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img