Црквата не постои за да владее, туку за да служи

Date:

Share post:

Вселенскиот патријарх Вартоломеј утринава претстоеше на Патријаршиската божествена литургија во храмот „Света Софија“, каде што им се обрати на верниците со порака за подвижничкиот етос и жртвата на Мајката-Црква и нејзината спасоносна мисија низ вековите.

Патријархот истакна дека Црквата не живее само од минатото, туку од него црпи инспирација за да ја осветли сегашноста и да води кон иднината, сведочејќи за светлината Христова. Осврнувајќи се на боголужбениот почетокод Триодот и параболата за фарисејот и цариникот, тој нагласи дека темелот на духовниот живот е смирението, а не надворешните подвизи. „Постот без покајание станува фарисејство. Смирението е благодат, мудрост, сила и мир“, порача Вселенскиот патријарх.

Тој потсети и на историската улога на Цариградската Црква, која, како што рече, не ја ширела верата преку освојување, туку преку зачувување и преобразба, останувајќи духовен столб на православните народи и по падот на Империјата.

Во своето обраќање, Вартоломеј посебно го истакна делото на својот претходник, патријархот Јоаким III, чија биста беше откриена во просториите на Митрополијата на  Солун. Тој нагласи дека Јоаким III во тешки времиња ја водел Црквата со спој на богословие и практична мудрост, а особено внимание посветувал на образованието.„Црквата не постои за да владее, туку за да служи. Не за да гради ѕидови, туку да отвора патишта на спасението“, истакна патријархот.

Митрополитот солунски Филотеј, обраќајќи се во име на Архиепископот атински и на цела Грција, подвлече дека Мајката-Црква се одликува со етос на смирение и трпение, доверувајќи се на Божјата милост и покрај нападите и обвинувањата со кои се соочува.

На крајот од литургијата, Вселенскиот патријарх го удостои градоначалникот на Солун, Стелиос Ангелудис, со чинот архонт на Вселенската патријаршија, со што тој стана член на Братството на достоинствениците на Вселенскиот трон.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img