Божикно послание на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј.
Браќа и возљубени чеда во Господа,
Сладоста на Светата Божикна ноќ уште еднаш го обвиткува светот и среде човечкиот умор и маки, среде кризите и настаните, среде страдањето и непријателството, немирот и губењето на илузиите, тајната на Господ Кој стана Човек привлекува со истата сила како и во минатото, и е исто толку реална и современа како и секогаш, повикувајќи „ние кои живееме на земјата да се научиме на правда“ (Исаија 26, 9), бидејќи „Спасител ни се роди денес“ (Лука 2, 11).
За жал, сепак, многу луѓе во наше време размислуваат како тој убиец на деца, беззакониот и бескрупулозен Ирод, и ги погубуваат своите собраќа на милиони начини. Умот на владетелот на овој свет, искривен од егоцентризам и изразен во личноста на Ирод, на парадоксален начин го виде своето постоење загрозено од раѓањето на едно невино Дете, и го избра Неговото уништување како посоодветен метод за чување на својот светски авторитет од опасноста што му се закануваше со Рождеството на тоа Дете.
Па така, Богомладенецот Христос, објавен од Ангелите, за да се спаси од овие убиствени намери беше принуден да бега во Египет и така се насели таму, да се изразиме со денешниот речник, како „политички бегалец“, заедно со Својата Мајка Марија, Пречистата Богородица и свршеникот Јосиф. Во наше време, коешто се смета за прогресивно, многу деца се принудени да се селат како бегалци, следејќи ги своите родители за да ги спасат своите животи, загрозени од бројни непријатели со различни имиња. Овој податок е срам за човечкиот род.
Затоа по повод раѓањето на Детето Исус, нашиот вистински Искупител и Спасител, ние исто така објавуваме од Најсветиот и Апостолски Патријаршиски Престол, дека сите општества мора да го запазуваат во безбедност развојот на децата, и да го почитуваат нивното право на живот, образование, на нивен правилен развој, што од друга страна ќе го обезбеди нивното воспитание и образование во рамките на традиционалното семејство, врз темели на љубов, сочувство со другите, мир, солидарност: сите оние добри нешта што нашиот Господ, Кој прими тело заради нас, ни ги дарува денес.
Спасителот Кој се роди нѐ повикува сите да ја примиме оваа порака за спасение на човештвото. Вистина е дека во долгата човечка историја, народите доживеале многу преселби и раселувања. Ние, сепак, се надевавме, после двете Светски Војни и апелот за мир што го упатија црковните и политички водачи и организации, дека современите општества ќе можат да обезбедат мирни животни услови за луѓето од нивните земји. За жал настаните нѐ разочараа во оваа надеж, бидејќи големи мнозинства луѓе се принудени, под закана за нивно уништување, да одат по горкиот пат на бегство како азиланти.
Новиот развој на ситуацијата со незапирливо зголемениот бран на бегалци ја зголемува и нашата одговорност. Сепак, додека имаме благослов да живееме мирно и комфорно, да не дозволиме да станеме нечувствителни пред секојдневната трагедија на илјадници наши собраќа, туку, напротив, да им ја изразиме нашата вистинска солидарност и љубов, сигурни дека секое добро дело што им го правиме всушност Му го правиме на Синот Божји, Кој беше роден и зеде плот и Кој дојде во светот, не како крал, не како некој на власт, не како некој моќен или богат, туку како сиромашно и немоќно дете, во мала пештера, без огниште, како што и многу наши сострадални браќа живеат во овој миг; и беше принуден уште во првите мигови од својот земен живот да пребега во далечна земја за да се спаси од Иродовата омраза. Можеме да кажеме дека земјата и небото ја пијат невината крв на денешните деца бегалци, и несигурната душа на Ирод „го прима својот суд“.
Но Божествениот Младенец Кој се роди и патува за Египет, Самиот е вистински заштитник на денешните бегалци, гонети од Иродите на нашето време. Овој Младенец Исус, нашиот Господ, „стана немоќен заради немоќните“ (види 1. Кор. 9, 22), станувајќи ист како сите нас, кои сме немоќни, поразени, кои сме во опасност и кои сме бегалци. Нашата поддршка и помош до нашите собраќа што се гонети и искоренувани – без разлика на нивната припадност, раса или религија – ќе бидат дарови за нашиот Господ што се раѓа, дарови повредни од даровите на мудреците, и богатства поскапоцени од „златото, ливанот и смирната“ (види Матеј, 2, 11), држејќи се до духовните богатства што не можат да бидат одземени, што низ вековите нема да видат распаѓање, туку ќе нѐ доведат до Царството Небесно.
Нека секој од нас му понуди што може да Господа, Кој се препознава во ликот на нашите браќа, бегалците. Да Му Ги понудиме на Малиот Христос Којшто се раѓа денес во Витлеем тие скапоцени дарови на љубов и жртва, следејќи го Неговиот пример на милосрдие; и да го прославиме заедно со ангелите, мудреците, простите пастири, извикувајќи со сите светии: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лука, 2, 14).
Нека благодатта и богатата милост на Богомладенецот Христос бегалец биде со сите вас.
Вартоломеј Константинополски, ваш непрестаен молитвеник пред Бога.
Божик 2015/2016

