Почетна Интервју Каров за МИА: „1000 години сведок на Светлината“ е филм за љубовта, постоењето, духовната преобразба

Каров за МИА: „1000 години сведок на Светлината“ е филм за љубовта, постоењето, духовната преобразба

91
0

1000 години сведок на Светлината“ е документарен филм за Бигорскиот манастир по повод големиот јубилеј на манастирот, којшто го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите. Во интервју за МИА режисерот на филмот, Илија Ико Каров, вели дека овој филм говори за љубовта, постоењето, заборавените вредности, духовната преобразба и е морално патување нагоре кон вечноста…

Премиерата на филмот ќе се одржи на 15 април во 20 часот, а паралелно ќе се емитува и на Националниот сервис, на каналот Јутјуб и ќе биде споделен на официјалните Фејсбук страници на филмот и на Бигорскиот манастир.

– На секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, којшто сведочи за една друга убавина, не од овој свет. Тоа е токму оној петтиот елемент кој им дава потекло на сите оние познати четири елементи, тоа е онаа убавина којашто многу просветлени и филозофско освестени луѓе ја сместиле во центарот, како есенција на мудроста. И овој филм е токму за таа убавина што веќе еднаш го спаси светот, вели режисерот Каров за филмот за Бигорски.

Каров вели дека кога го работел филмот, земајќи го предвид секојдневието во кое сме нападнати од секакви идеологии и пораки, почувствувал дека тоа е едно морално патување, ниту кон минатото, ниту кон иднината, туку нагоре кон вечноста.

– Тоа што имено ние го доживеавме таму не беше наша привилегија, туку Бигорскиот манастир е отворен за сите и тоа е едноставно нешто што секој има право да го добие својот дел од него. Да го добие својот одговор, конкретно за мене беше едно патешествие кон вистината, кон светлината и ништо помалку од тоа, оценува режисерот.

Каров вели дека филмот го снимиле без финансиска поддршка, но самиот тој и целата екипа за возврат добиле многу повеќе.

– Едноставно не ни требаше финансиска поддршка. Нашите хонорари сесрдно без колебање ги дониравме, никогаш не ни стана збор за некој од нас да побара какви било пари. Ние за возврат добивме многу повеќе, нешто што не можеме да го потрошиме за време на животот, туку напротив можеме да го умножиме заради тоа што светлината и љубовта се единствените два елемента во нашиот живот што кога се делат, се умножуваат, вели режисерот Каров за МИА.

 

На 15 април ќе биде премиерата на документарниот филм за Бигорскиот манастир „1000 години сведок на светлината“, којшто не само што го одбележува големиот јубилеј на манастирот туку и го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите. Колку време се работеше на снимањето на овој филм?

– Филмот се работеше цели пет години, безмалку пет години до премиерата, како го почнавме. Се разбира, тоа не беше интензивен процес на снимање, тука пандемијата си го направи своето и сите овие ковид-протоколи коишто го прекинаа снимањето, но никогаш не успеаја да стават никаква запирка, а камоли, пак, точка во поривот на авторите за да го реализираат ова дело, за што сум им особено благодарен, затоа што без тие луѓе кои пристапија во првите борбени редови на продукцијата Бранко Блажевски, Илија Жоговски, Благој Веселинов, Горан Костадинов, простете ако пропуштам некој тука во оваа пригода, и успеавме да ја изводиме продукциската битка и да го затвориме филмот.

Еве сега безмалку ситно броиме, ќе се случи и премиерата. Во контекст на премиерата… Знаете, кога режирате едно вакво дело, секогаш има одреден тип предизвици, па дури и да кажам искушенија нема да згрешам.

Едно од поголемите искушенија коешто успеавме да го надминеме на продукциско ниво заедно со бигорци беше баш премиерата којашто следува на 15 април, покрај ковид-протоколите коишто сè уште ги има во одредена мера кај нас, а следниот да речам проблем, што во принцип не е проблем, туку една голема прекраснотија, дедо Партениј, бигорскиот старец, има над три илјади духовни чеда. И кога дојде делот до тоа да почнеме да ги правиме списоците кој ќе дојде, како ќе дојде… сфативме дека ние едноставно немаме како да одговориме на есенцијална духовна потреба на оние сите луѓе со кои поминавме пет торжествени велигдени, пет торжествени божиќи и останатите празници помеѓу, да не ги набројувам, кон тоа во оваа пригода сакам не да им се извинам, туку сакам да објавам и да обелоденам дека ние едногласно најдовме компромис, а тоа е дека ќе се откажеме од фестивалскиот потенцијал на филмот, заради тоа што кога веќе јавно ќе го објавите на социјалните мрежи, едноставно не им ги исполнувате критериумите на големите фестивали, затоа што филмот е веќе пуштен, така што кон тоа ми е особено драго што сите едногласно одлучивме, па на крајот на денот овој филм беше за луѓето, а не беше за фестивалите.

И на 15 април во 20 часот сите ќе имаат можност да го погледнат паралелно на Македонската радио-телевизија и исто така на Јутјуб и ќе биде споделен на официјалните фејсбук-страници на филмот и на Бигорскиот манастир.

Како се роди идејата да снимите документарен филм за Бигорскиот манастир?

– Тоа е еден дел од приказната којашто е приказна сама за себе. Секогаш присно ќе се сеќавам на моментот кога се отвори вратата од гостинската соба во манастирот Рајчица и влезе едно типче со не повеќе од 40 килограми и ми рече: „Ти си Ико Каров?“, реков: „Да, јас сум Ико Каров“. А инаку, колку да се знае, јас претходно интензивно го посетував Бигорскиот манастир спроведувајќи ја кинолошката програма на македонското овчарско куче караман, клубот на којшто сум претседател, и бевме случајно отидени со отец Профириј да ги провериме караманите од Рајчица… И да бидам искрен, кога ми се обрати човекот, повеќе мислев дека му требам нешто физички да му помогнам, така бев во тренерки полежерно облечен, ми рече дека следува голема прослава на илјадалетието, милениумската прослава на Бигорскиот манастир, заинтересирани сме сакаме повеќе автори како некоја неофицијална апликација да достават до нас, да видиме кој ние би сметале дека е најсоодветен за да ѝ пристапи на оваа проблематика и да реши за ние да добиеме филм.

И така тој човек од 40 килограми со една реченица успеа да ми стави товар на плеќи што тежеше цели илјада години, товар, што несомнено помогнаа доста луѓе, сите ќе ги прочитате на одјавната шпица, да биде достојно износен докрај и едноставно тоа е едно од најубавите чувства што јас лично ги имам доживеано во животот.

Во рецензијата на филмот се вели дека е автентичен, вистинит, во неговата срж е љубовта. Каква порака праќа овој филм?

– Многу интересно и многу точно срочено. За пораката на филмот нема да говорам, затоа што тоа би подразбирало да го раскажам филмот. Така што тоа ќе остане една мала енигма којашто ќе им ја оставиме на гледачите да ја откријат. Јас само би ви одговорил вака – на секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, којшто сведочи за една друга убавина, не од овој свет. Тоа е токму оној петтиот елемент, кој им дава потекло на сите оние познати четири елементи, тоа е онаа убавина којашто многу просветлени и филозофско освестени луѓе ја сместиле во центарот, како есенција на мудроста. И овој филм е токму за таа убавина што веќе еднаш го спаси светот.

Можете ли подетално да ни опишете како се одвиваше снимањето, сигурно поминувавте долго време во манастирот одблизу гледајќи го монашкиот живот. Каков впечаток добивте, како живеат монасите и дали вашата екипа на одредено време го живееше нивниот начин на живот?

– Манастирот има свое неотповикливо срцебиење, има свое неотповикливо темпо коешто се повторува уште од почетокот на времињата, тоа е тој светогорски типик, што кај нас епископот Партениј го носи и го возобновува во далечната 1995 година, пречекорувајќи го прагот на Бигорскиот манастир. Не е лесно ниту да се зборува, ниту да се снимаат на филм монасите, а камоли па, на пример, еден монах како што е отец Партениј, кој речиси безмалку 30 години битисува христообразно во истата соба во којашто се има вселено како 24-годишно момче, кога пристигнува во манастирот.

Во однос на темпото на манастирот, сите го живеат истото темпо – во четири и триесет стануваат, почнува утринската молитва, нормално и ние кога сме таму пристапуваме со големо задоволство и понатаму мислам дека би било излишно да говорам, затоа што Бигорски е манастир од отворен тип, така што сите можат да го посетат, сите можат да отидат и да го запознаат дедо Партениј, можат да зборуваат и со другите монаси.

Манастирите од отворен тип во денешно време во светот се сè поретки, тоа си носи одредени искушенија и проблематики, но биогорскиот старец нема никогаш да ги затвори вратите. Така што во оваа пригода на сите што подетално би сакале да го видат животот на монасите, би им препорачал да го посетат Бигорскиот манастир.

Што вие како личност и приватно и професионално го сметате за придобивка од снимањето на овој документарен филм?

– Јас верувам дека сите од тимот се здобија со големи духовни лични придобивки. Јас конкретно зборувам за мојата и бев прашан, инаку би сакал да имаат можност и сите да го кажат своето. За време на снимањето наша домаќинка која ни беше доделена од страна на дедо Партениј беше сестра Ефимија. Таа беше човекот што нè упатува низ манастирот, нè води. Таа е човек којшто просто е неверојатно колку има љубов за сите и разбирање за сите. И кога ќе успеете да ја разберете сестра Ефимија, едноставно ви се раѓа едно чудно смирение. Има и една реченица во филмот, којашто не е моја, а е ставена во сценариото на филмот: „Свети Серафим Саровски рекол: ‘Спаси се прво себеси и ќе спасиш илјадници околу себе’“. Знам дека малку е апстрактен одговорот, но многу голем дел од работите што се случуваат таму не ѝ служат на логиката во којашто функционираме, туку служат на друга логика. Тоа се малку интимни работи коишто не би можеле толку детално да се одговорат.

Што ви остави најголем впечаток, кои вредности се заборавени, кон што човекот секогаш се враќа?

– Во ерата во којашто живееме, во секојдневието од коешто обилно нè напаѓаат секакви идеологии во таа една дисторзија од пораки, да го правиш овој филм не беше некакво морално патување ниту кон минатото, ниту кон иднината, туку беше едно морално патување нагоре кон вечноста и навистина е едно незаменливо чувство коешто повторно, морам да го одговорам малку реторички ако е тоа точно, би ги повикал луѓето да отидат кои сакаат, на пример, вакви одговори за да можат да го почувствуваат од прва рака. Тоа што имено ние го доживеавме таму не беше наша привилегија, туку Бигорскиот манастир е отворен за сите и тоа е едноставно нешто што секој има право да го добие својот дел од него. Да го добие својот одговор, конкретно за мене беше едно патешествие кон вистината, кон светлината и ништо помалку од тоа.

Во документарецот повеќе луѓе изнесуваат свои сведоштва за тоа како Бигорскиот манастир им помогнал да се спознаат себеси и да го изменат дотогашниот начин на живот. Познато е дека Бигорскиот манастир има програми за помош на зависници од различни пороци. Каков е вашиот впечаток, одблизу разговаравте со тие луѓе?

– Во Бигорски нема тие, оние или овие. Значи, тоа е, таму си човек. Ние сите луѓе имаме проблеми, кои поголеми, кои помали, само што живееме во едно такво време и естетиката на времето е таква сакаме да ги апострофираме туѓите проблеми соочувајќи се чудно на тој начин доживувајќи ги нашите како многу помали. Затоа апсолутно нема „тие“ луѓе. Јас таму запознав многу луѓе и од тие сите луѓе што живеат во манастирот коишто не се монаси, нормално, затоа што има и момоци. Момоци се луѓе коишто не се од некаква одредена причина, едноставно работат за манастирот затоа што Бигорски е навистина голем град. Јас многу често на смеење знам да кажам едно мало гратче горе на планината Бистра. И фасцинантно е, во православието има една, не знам како да ја окарактеризирам – простете ми ако згрешам, подобро упатените – дисциплина ќе ја наречам – преумување. Преумувањето е всушност да го умртвиш стариот човек во себе и да се преумиш христообразно во име на љубовта како нов човек и за тоа е најодговорен, пак ќе споменам, дедо Партениј.

Има и сцени коишто сум одлучил дека не се доволно вкусни за во филмот, ама па не се страшни вака вербално кога би биле артикулирани. Кон тоа ќе ви раскажам една сцена. Таму нема терапии, и кога прашав на почетокот, „па добро, како ги лечите“, одговорот беше многу едноставен – „со љубов“. И кога ќе видите еден човек кој и самиот се откажал од својот живот, но не во смисла да си го одзеде не дај боже животот, туку едноставно зависноста или маките си го направиле своето и кога се соочува со проблемите и со вистината додека е таму затоа што знаете навечер кога ќе настапи тишината, ѕидовите во собите стануваат огледало. Не секој сака да се види така каков што е. Бев сведок на една сцена каде што еден човек навистина во очај се куди себеси, каков бил, што направил и слично, се навредува до таа мера, рони солзи, а дедо Партениј седи до него, рони уште поголеми солзи и на секоја негова навреда вели „ти си ангел, само треба да ти ги одврземе крилјата“.

Значи, секој духовно се преобразува на некој начин…

– Да, тоа е и поентата во принцип во православието – да станеме подобри. Не подобри од другите, туку подобри од себеси.

Може ли нешто повеќе да ни кажете околу филмот, дали продукцијата е исклучиво домашна, колкава екипа бевте на снимањето?

– Точно на број не ги знам. Прилично доста професионалци од Македонија се приклучија на овој филм. Главните автори мислам дека ги споменав. Во оваа пригода исто така сакам да им се заблагодарам не само на продукцискиот, т. е. на авторскиот тим, туку сакам да им се заблагодарам на сите што придонесоа ова да се случи, затоа што овој филм е снимен без буџет. Често знаат колегите од странство да прашаат, добро, како е да работиш за ништо толку долго време.

Тоа сакав и да ве прашам, како ја обезбедивте финансиската поддршка?

– Едноставно не ни требаше финансиска поддршка. Горивото го покривме сами. Нашите хонорари сесрдно без колебање ги дониравме, никогаш не ни стана збор за некој од нас да побара какви било пари. Туку да се навратам на она, колегите од странство кога ме прашуваат како е тоа пет години да истераш процес, а за возврат да не добиеш ништо. Јас често одговарам дека ние за возврат добивме многу повеќе, нешто што не можеме да го потрошиме за време на животот, туку, напротив, можеме да го умножиме поради тоа што светлината и љубовта се единствените два елементи во нашиот живот што кога се делат, се умножуваат.

Какви се вашите професионални планови во иднина?

– Планираме да почнеме со снимање уште еден филм за уште еден манастир којшто е под духовно водство на владиката Партениј, но засега не би откривал повеќе. За тоа потоа, сега да завршиме со ова.

Погледнете го интервјуто на МИА.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *