Почетна Верски буквар Зошто православниот и католичкиот Велигден годинава паѓаат во ист ден?
Зошто православниот и католичкиот Велигден годинава паѓаат во ист ден?

Зошто православниот и католичкиот Велигден годинава паѓаат во ист ден?

753
0

Годинава, православните христијани го слават Воскресението Христово на ист ден со римо-католиците. Но, ова не се случува секогаш.

Зошто е тоа така, и зошто постои оваа разлика?

Макар што причините поради кои православните го слават Велигден (најчесто) подоцна од римо-католиците се повеќебројни и сложени, би можеле да ги редуцираме на две, и тоа:

1) користењето на различен календар

2) верноста и пазењето на Православната Црква на древните учења на Црквата

Првиот фактор, календарот, е поврзан со тоа што православните го почитуваат јулијанскиот календар при пресметувањето на Велигден, додека остатокот од христијанските заедници се служат со григоријанскиот календар.

Постои тринаесетдневна разлика меѓу двата календари, односно јулијанскиот календар заостанува тринаесет дена зад григоријанскиот (во периодот од 14 март 1900 до 28 февруари 2100, кога разликата ќе се зголеми на 14 дена).

Вториот фактор, пак, е последица на православното почитување на канонот од Првиот вселенски собор, кој вели дека Велигден мора да се случи по празнувањето на еврејската Пасха, со цел да се запази библиската историчност на Христовите Страданија.

Остатокот од христијански заедници не го почитува овој канон, и поради ова Велигден на Запад може да се падне пред, или за време на еврејската Пасхата.

Разликата во славењето на Велигден и Духовден меѓу Православната Црква и другите заедници може да биде дури и пет седмици. Следен пат кога празнувањето ќе се совпадне е во 2025! Во блиското минато, пак, дури трипати се случи заедно да празнуваме, и тоа во 2010, 2011 и 2014.

Од друга страна, дел од Православните Цркви уште од 1923 година во богослужбена употреба (освен за Пасхалијата) го прифатиле григоријанскиот календар (на пример Вселенската, Грчката, Бугарската и Албанската), и останатите, неподвижни празници, ги слават заедно со западните христијани. Оттука, Божик во Грција и Бугарија се празнува на 25 декември, а не на 7 јануари, каков што е случајот во Македонија, Русија, Света Гора и Србија.

/Православие.мк 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *