Почетна Вести Христијанство Заврши конзервацијата на црквата од 13 век на локалитетот Цареви Кули

Заврши конзервацијата на црквата од 13 век на локалитетот Цареви Кули

117
0

Струмица доби уште еден значаен објект кој сведочи за богатата историја на градот. Се работи за црква од 13 век која после шест години од првите истражувања целосно е конзервирана и подготвена за промоција пред пошироката јавност. Според археологот д- р Душко Цветанов црквата која е лоцирана во подножјето на локалитетот Цареви Кули само потврдува дека градот биле еден од најзначајните духовни центри во средниот  век на територијата на цела Македонија.

„Објектот е доста битен за самата Струмица. Тоа покажува дека Струмица во средниот век била доста значаен духовен центар. Покрај оваа црква, во урбаното јадро на средновековна црква се откриени уште четири цркви. Знаеме дека на самиот акропол, односно на Цареви кули имаме откриено уште една црква, Свети 15, оваа црква и црквата под темелите на Орта Џамија,“ вели д-р Душко Цветанов – археолог.

Според професорот Трајче Нацев  кој ја раководеше конзервацијата, објектот  е граден во стил карактеристичен за сите средновековни цркви во атарот на Струмица, но тоа што ја прави поразлична е таканаречениот скриен или сантрач систем.

„Тоа е една карактеристика да речеме за средновековието, појавата на сантрач системот, меѓутоа обично кај средновековните фортификации барем тие што ги има кај поголем дел од нив, кај нив тие се видливи, може да се видат на самите фасади, додека кај оваа црква сантрач системот е заштитен. Од надвор целата фасада е покриена со камен. Тоа мислам дека е уште подобро бидејќи на тој начин самото дрво кое што е употребено при неговата изградба подолго време може да остане за да не изгние,“ вели  проф. д-р Трајче Нацев од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Со истражувањата освен црквата откриени се уште два објекти за кои се претпоставува дека биле  во нејзина функција, а на околниот простор има и повеќеслојна некропола која егзистира од 13 па се до почетокот на 20 век. Овој објект најверојатно не е единствениот во овој дел на Струмица, археолозите велат дека постојат  индиции за уште неколку во непосредната близина.

/СИТЕЛ

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *