Вкупно 57 католички свештеници во Италија добиле правосилни затворски пресуди за сексуална злоупотреба на деца во периодот од 2001 до 2021 година. Ова го покажува првиот истражувачки извештај нарачан од Италијанската бискупска конференција, кој открива 378 пријавени случаи и вкупно 880 инциденти на злоупотреба.
Извештајот бил презентиран на 25 ноември, а истражувањето опфатило 356 осомничени сторители и 385 жртви. Од вкупниот број осомничени, 123 биле пријавени пред италијанските правосудни органи, а 57 добиле правосилни затворски казни.
Покрај судските постапки, Католичката црква презела и свои дисциплински мерки против 218 свештеници. Околу 70 проценти од нив биле прогласени за виновни во црковните постапки. Од вкупниот број осомничени, 87 биле расчинети или привремено отстранети од свештеничката служба, 39 заминале во пензија, а 67 починале.
Според податоците, околу 70 проценти од пријавените жртви биле машки лица, а најизложена возрасна група биле момчињата на возраст од 14 до 17 години. Во околу 80 проценти од случаите, осомничените сторители имале повеќе жртви или повторувале злоупотреби.
Претседателот на Италијанската бискупска конференција, кардиналот Матео Марија Зупи, призна дека станува збор за сериозен проблем во црковните структури.
„Овие злосторства откриваат зло што поминало низ Црквата. Мораме да го наречеме со вистинското име и да ја признаеме неговата суровост“, изјавил Зупи.
Истражувањето го изработиле Институтот за детска заштита „Istituto degli Innocenti“ од Фиренца и истражувачка единица на Универзитетот во Болоња. Авторите нагласуваат дека извештајот не ја претставува целосната слика за сексуалните злоупотреби во Католичката црква во Италија, бидејќи се заснова исклучиво на податоци пронајдени во црковните архиви.
Поради тоа, тие предупредуваат дека врз основа на собраните податоци не може да се утврди вистинскиот број на злоупотреби.
Извештајот предизвика реакции и кај организациите што ги застапуваат жртвите. Италијанската организација „Rete l’Abuso“, која ги претставува жртвите на злоупотреби во црковните структури, го оцени истражувањето како недоволно. Организацијата претходно проценила дека во Италија од 2020 година наваму речиси 4.400 лица биле жртви на злоупотреби од католички свештеници, врз основа на сведоштва, судски извори и медиумски извештаи.
Меѓу препораките во новиот извештај се отворање телефонска линија за помош на жртвите, јавна кампања за охрабрување на пријавувањето и формирање постојано тело што ќе ги собира и анализира податоците за злоупотребите.
Италијанската бискупска конференција веќе ја прифати препораката за формирање постојана опсерваторија за следење и проучување на случаите на злоупотреба.

