Рускиот Фонд за поддршка на христијанската култура и наследство ја избришал од својата интернет-страница објавата за средбата на негови претставници со архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, одржана во април годинава во Ниш. Станува збор за средба на која присуствувале и митрополитот Георгиј од МПЦ-ОА и српскиот владика Арсениј Нишки.
Интересно е што за оваа средба македонската јавност дозна дури откако „Религија.мк“ објави текст на 10 ноември, во кој ги отвори прашањата за контактите на македонските архиереи со организацијата поврзана со рускиот бизнисмен и олигарх Константин Малофеев.
Објавата на рускиот фонд содржеше информации за средбата, имињата на учесниците и разговорите за можностите за идна соработка меѓу православните цркви. Денес, линкот од првичната објава води до адреса во која сè уште е видлив насловот на избришаната вест: средба на делегацијата на Фондот со архиепископот охридски и македонски Стефан.
Без разлика на тоа која и да била причината за потребата веста да биде избришана, како и тоа по чие барање таа е избришана, секоја објава на интернет остава кеш траги за нејзиното постоење.

